Со многу закани, услови и страшни најави влегоа на Илинденска без број, а многу помеки и со оптимистички тонови излегоа Христијан Мицкоски и Зоран Заев, двајца главни политички ривали. Да се потсетиме, пред последната средба со Заев, Мицкоски во медиумите лиферуваше неколку теми, од најглавната, за СЈО, прогонот, апсењата и европските закони, па сѐ до претседателските избори и можноста за нивен бојкот во вториот круг, ако на првиот се забележи полнење на кутии.
Знаеме дека сите теми се поврзани меѓу себе, а и во праксата до сега, се поврзуваа и таму каде што не мора и не треба. Знаеме дека за уставните амандмани се даде амнестија, затскриена зад помирувањето, а потоа следеа и измени на Кривичниот законик, паралелно со процесот Жан Моне, каде што се договорија дел од реформските закони што ги бара ЕУ.
Од ова многу лесно може да се претпостави дека процесот ќе продолжи по истиот терк, а дел од тоа продолжение е и средбата која дојде експресно, по барање на опозицискиот лидер.
ВМРО-ДПМНЕ се закани со блокада на системските закони кои бараат двотретинско мнозинство во деновите кога се дискутираше за имунитетот на Трајко Велјаноски. Тој беше дел од групата на пратениците кои не гласале за уставните измени.
Од друга страна, во притвор се врати Сашо Мијалков, главниот од неговата партија што ѝ помогна на власта при обезбедување на 8-те пратеници за да се изгласаат уставните измени. Со експресна процедура во Шутка се врати и Митко Чавков, човек кој го наследи Мијалков во УБК по неговата оставка, а му се довери и министерска фотелја.
Да се потсетиме и на тоа дека Никола Груевски избега во Унгарија, а поранешната министерка Гордана Јанкуловска го обвини дека ги оставил во лоша позиција. Мицкоски го брани Груевски, неговите соработници го обвинија Мијалков, а резултатот е дека поранешното раководство на МВР сега е една група, непосакувана или барем незаштитена, ниту од партијата, ниту од можните политички пазарења.
Христијан Мицкоски е нов претседател со големи амбиции да остане на врвот на партијата и да ја води во предвремени парламентарни избори за кои изгледа дека е убеден дека ќе ги добие. Сите овие околности упатуваат на сомнежот дека за да му се олесни на тој пат, најпрвин би се обидел да се ослободи од полициско безбедносните структури во партијата, кои во минатото и во бомбите се покажа дека се најјаки во контролирање токму на партиските структури.
Со притворањето или затворањето на главните екс полициски службеници, партиските структури остануваат под принудна „заштита“ на Мицкоски или под опасност да им се придружат на бившите шефови зад решетки. Сите овие индиции упатуваат кон можното сценарио (кое не е основано на конкретни информации, но само на анализи), на последната средба со премиерот Зоран Заев, дека Мицкоски едноставно ги предал Мијалков и Чавков. Мијалков и така е веќе обвинет за предавство на партијата со тоа што му обезбеди на Заев 80 гласа за уставните амандмани. Тоа му оди во прилог и на самиот премиер кој е под секојдневни обвинувања на јавноста дека Груевски му избега, а другите големи риби пливаат слободни. Така и Заев ќе демантира дел од обвинувањата за пазарење со опозицијата. Ете, Груевски избегал, ама другите нема кај да бегаат!
Убава позиција за враќање на довербата и уверувањето дека правдата се враќа во пресрет на претседателските избори.
А кога сме кај изборите, сите знаеме дека апсењето на поранешни полициски функционери ќе биде добар сигнал до поранешните шерифи на ВМРО-ДПМНЕ да не прават ни најмал обид за рушење или валкање на процесот, па дури и да замолчат во случај да забележат нешто нерегуларно. Кој би се осмелил на таква ситуација? Конечната судска одлука за настаните на 27 април, Чавков ја очекува во притвор, под сомнеж дека може да избега. Од што би бегал Чавков кој веќе бил во куќен притвор. Само ако некој му шушнал дека ќе добие голема казна.
*
Веќе одамна Заев се соочува и со едно прашање, што стана со криминалот на функционерите на ДУИ за кои и самиот Заев говореше до пред две години, а сега молчи. Сите знаат дека нема да може вечно да молчи, но сите знаат и дека владината коалиција тешко би можела да издржи без пратениците на ДУИ. Одложувањето на седницата за имунитетот на Велјаноски многумина го протолкуваа како покажување заби во пресрет на некои веќе отворени судски постапки, каде што обвинети се токму функционери на ДУИ. Случајно, по тој настан дојде и договорот за мандатот на СЈО, според кој, во новиот закон се предлага да не се употребуваат бомбите во постапките отворени по јули 2017 година. Со тоа се спасува самиот Али Ахмети.
Но, многу други функционери, меѓу кои и самиот координатор на партијата, Ејуп Алими, остануваат во очекување на судската одлука во случајот Титаник 3. Имајќи предвид какви казни добиле Тачи и Ибрахими на Титаник 2, со право и Алими и другите во ДУИ се многу претпазливи.
Заев е свесен за можноста ДУИ да се одлучи на скриен бојкот на вториот круг на претседателските избори за да не се постигне излезноста од 40%. Тука се надоврзува и најавата на Мицкоски дека ќе повика на бојкот на вториот круг, ако во првиот, како што наведува повеќе пати, се полнат гласачките кутии. Во ваква ситуација, ДУИ има уште едно алиби дури и јавно да повика на бојкот.
Неуспешни претседателски избори ќе значат шестмесечен претседателски мандат за Талат Џафери, прв случај во историјата на независна Македонија Албанец да биде претседател.
Неуспешни претседателски избори ќе значат голем удар врз рејтингот на СДСМ, а за тоа да не го предизвика, ДУИ, логично, ќе побара амнестија и други гаранции за неговите функционери и екс функционери.
Што би му било поисплатливо на Заев? Да се договори и вечно да биде уценуван од ДУИ и притоа да биде под силен притисок од јавноста, или да се договори со Мицкоски? Со овој, последниот, пазарот би бил многу прифатлив, тој ќе се спаси од силните фигури во партијата, ќе ја преземе ВМРО-ДПМНЕ и ќе се етаблира до следните избори, а за возврат ќе го спаси Заев од неуспешни избори, но и од уценувањата на ДУИ и притисокот од јавноста.
Некои уапсени, некои спасени, Северна Македонија со претседател, Мицкоски со партија, Заев со влада без уцени. Со ваква ситуација до есен и двајцата имаат време да се спремат за нови избори.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.