пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
„Домобрани“ односно параполиција се формираше по протестот кој се одржа на 8 април каде дел од жителите на Трајаново трло побараа од надлежните институции да преземат мерки да престанат кражбите и провалите во нивните куќи и дворови. Но, покрај барањата да престанат кражбите тие упатија порака и дека „само преку нив мртви“ ќе може да се изгради нова населба со типски куќи во кои се планира да се населат 28 семејства, односно стотина Роми кои нелегално живеат во Старата касарна во Кочани.
Тимот на ЦИВИЛ го посети Кочани по неколкуте инциденти што се случија во изминатиов период. Тие разговараа со градоначалникот Николчо Илијев, претставници на невладини организации, како и со неколку граѓан(к)и од Трајаново трло.
„Сите Роми не се крадци. Полицијата нека ги фати ајдуците кои крадат по куќите низ Трајаново трло“, вели Милица Иванова во разговор со екипата на ЦИВИЛ која раскажа како „параполицајците“ го претепаа нејзиниот внук, ни крив ни должен.
Таа додава дека Ромите што живеат во тоа маало веќе не поминуваат низ главната улица, бидејќи се плашат да не бидат претепани од „домобраните“. Таа вели дека до продавница одат криејќи се преку „козји“ патеки како да се во „турско време“.
„Сега нешто да тропне надвор ние се потресуваме мислиме дека еве пак ќе дојдат да нè нападнат. Цело маало живееме во страв. Велат Ромите крадат. Не, не крадат сите Роми. Ние по цел ден собираме по канти, сакаме чесно да си го заработиме лебот. Малку да е, ама халал да е. Не сакаме крадено. Тие што крадат, нека ги затворат, за тоа има полиција, суд…“, вели Иванова.
Тимот на ЦИВИЛ се сретна и со градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев. На средбата стана збор за меѓуетничките односи, соживотот, толеранцијата, европските перспективи… По средбата, градоначалникот Илијев даде интервју за ЦИВИЛ Медиа за последните случувања во населбата Трајаново Трло.
Илијев вели дека го осудува секое насилство, разбојништо, несогласување и непочитување на законите, но додава и дека случајот со тепаното дете во кочанско „Трајаново трло“ (на 11 април) е изолиран случај и не е поврзан со протестот каде што група граѓани на 8 април протестираа со барање да престанат кражбите и нападите во нивните домови.
Понатаму, Илијев, во интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА, истакна дека за изградбата на станбени објекти во месноста Пресечена Скала во Кочани што ќе бидат наменети за сместување на социјално ранливите семејства од Старата касарна, Советот на Општина Кочани повторно ќе се произнесе на следната седница која треба да се одржи следната недела во четврток, бидејќи петок е нереботен ден.
Илијев нагласи дека нема да дозволи да има меѓуетнички несогласувања и дека секој проблем ќе биде решен со дијалог и разговор, од кој ќе бидат задоволни сите граѓан(к)и.
Случајот со претепаното 10 годишно дете (Ромче) за наводна кражба од жителите на кочанската населба „Трајаново трло“, ја алармираше јавноста, но и дел од надлежните институции за решавање на случајот. Инцидентот се случува непосредно откако жителите од „Трајаново Трло“ протестираа против изградба на типски куќи на социјално загрозени семејства, со истакнат транспарент „Само преку нас мртви“, нагласувајќи дека нема да дозволат до нив да се изгради нова населба која ќе биде населена со Роми.
Иако овој случај делува изолиран, сепак, укажува дека односите меѓу македонската и ромската етничка заедница, не само во Кочани, туку насекаде во земјата се нарушени, со честии тензии и инциденти.
Токму од овие причини, ЦИВИЛ постави неколку прашања и до заменик директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Џелал Хоџиќ, кој вели дека, за жал, нашето општество сè уште е оптеретено со вакви несакани случаи и дека недоволната комуникација помеѓу заедниците, како и помеѓу институциите, неказнивоста на разни видови на дискриминација и говор на омразата ги потхрануваат ваквите негативни појави.
„Сметаме дека во последите години меѓуетничките односи значително се подобрени, за разлика од минатото. Сепак нè загрижува тоа дека во последните вакви и слични настани се случуваат мета се припадници на ромската заедница, која сè уште е најдискриминирана. Неказнивоста за говорот на омраза и на делата од омраза сметаме дека се најголемиот проблем кој ги охрабрува ваквите несакани случаи. АОПЗ низ годините, заедно со невладиниот сектор, како и меѓународната заедница работи на промовирање на различностите, меѓусебна толеранција и подигнување на свеста за правата на помалкубројните заедници“, вели Хоџиќ.
Прашања поставивме и до Артан Груби, вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците, како и до Дарко Стојчевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во општина Кочани. До моментот на објавување на оваа сторија, не добивме одговор.
Не добивме одговор ниту од независниот советник Венко Крствски кој на својот Фејсбук профил за инцидентите напиша „око за око, заб за заб“.
Граѓаните од населбата „Трајаново Трло“ велат дека по инцидентите секој ден има полициска патрола на влезот во населбата.
Одделението за внатрешни работи – Кочани во соработка со Основното јавно обвинителство во Кочани работи на целосно расчистување на настаните од 11 април во кочанската населба „Трајаново Трло“. Од Секторот за внатрешни работи – Штип соопштија дека во текот на вчерашниот ден и денес поднесени се пет кривични пријави за учесниците во дел од крвавите настани во населбата Трајаново Трло.
Како што информираат од полицијата, „ОВР – Кочани поднесе кривична пријава против М.В.(31) и С.Д.(46), двајцата од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 11.04.2021 во Кочани, во двор на куќа на А.Н. и И.В, пријавените со дрвени предмети го оштетиле патничкото возило „опел“, ја оштетиле куќата со кршење на стакла, по што физички ги нападнале оштетените“.
Во продолжение на настаните, од полицијата соопштија дека расчистени се уште два кривично-правни настани од 11 април.
До Основното јавно обвинителство Кочани поднесена е кривична пријава против А.В. (23) од Кочани, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. Според полицијата, „пријавениот на 11.04.2021 околу 19.30 часот во близина на неговата куќа со вклучена моторна пила се заканувал дека ќе ги нападне Н.Н. и уште неколку лица“.
Кривична пријава од полицијата за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ заработија и Н.Н. (20) и А.Н (20) од Кочани. Од СВР – Штип соопштија дека „Пријавените на 11.04.2021 година околу 20.00 часот на ул.„203“ во Кочани го пресретнале М.В. и физички го нападнале со дрвен предмет, нанесувајќи му тешка телесна повреда констатирана во Општата болница Кочани“.
Претходно, ОВР – Кочани поднесе кривична пријава за седум лица кои ги товари за сторено кривично дело „насилство врз дете“.
ЦИВИЛ во соопштението од 15 април најостро го осудува однесувањето на одредени политички и други структури во земјава во случајот со кочанско Трајаново Трло во кој се препознатливи крајниот расизам и националистичко дивеење. Без оглед на „страната“ од која доаѓаат деструктивните појави во општеството и на политичката сцена, без оглед на тоа дали се работи за политички, етнички или верски мотивирани инциденти, тие не може и не смее да се оправдаат и премолчат. Затоа, организацијата ги повика институциите да преземат итни и најостри мерки за санкционирање на организаторите и поттикнувачите на етнички мотивираната омраза и насилство.
Ваквото однесување во целата земја, а така и во општина Кочани, мора веднаш да престане! Граѓанското општество и јавноста во целост се повикани јасно и недвосмислено да ги отфрлат и да ги осудат говорот на омразата, дискриминацијата и насилството, повикува ЦИВИЛ.
За крај, треба да се упати јасна порака до јавноста: Омразата нема да исчезне преку ноќ, но може да запрат инцидентите, несогласувањата, дискриминацијата… Треба конечно системот да профункционира и да биде санкциониран секој што ќе се огреши пред законот и да одговара без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност. Да ги осудиме нападите и конечно да престане праксатра „секој да плаче врз својот гроб“.