Книгата „Протест(и)“ е заедничко дело на фотографот Александар Кондев и авторот Златко Теодосиевски и во неа се сместени фотографии и текстови настанати во времето на Шарената револуција. Ова дел е овозможено со финансиска поддршка од Министерството за култура и Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Со оглед на фактот дека книгата е со тираж од само 150 примероци кои нема да се продаваат, туку бесплатно ќе се делат, ЦИВИЛ побара дозвола од авторите да ја објави во електронска форма (ПДФ), се разбира, исто така бесплатно на интернет порталот Цивилмедиа.мк, како и на веб страницата Граѓански објектив.
Во видео интервју со еден од авторите во овој значаен издавачки проект, Александар Кондев за ЦИВИЛ МЕДИА изјави:
„Денес сум малку разочаран, бидејќи како да почна да се заборава Шарената револуција која не беше ни „лева“ ни „десна“, туку беше граѓанска која бараше правда, ефикасен судски систем, некорумпирана власт и бараше слобода за граѓаните.“
Линк до книгата „Протест(и)“
Инаку, поттикнати од истоимената фото изложба на Кондев, ЦИВИЛ ја започна иницијативата 12 април да биде прогласен за Ден на граѓанскиот пркос. Датумот коинцидира со почетокот на Шарената револуција во 2016 година со која му се зададе решавачки граѓански удар на авторитарнио режим на Груевски (2006-2016), но ги подразбира и сите други иницијативи, движења, протести и други облици на изразување на граѓанското незадоволство за слобода, еднаквост, правда и човекови права.
ЦИВИЛ во изминатите години поведе повеќе граѓански иницијативи, меѓу кои се и Иницијативата за укинување на привилегиите на функционерите, Граѓански форум за учество во креирање на владините политики, Зелените доаѓаат, Ден на човековите права и низа други.
ЦИВИЛ Тим за комуникации