Ермин Климента, веб девелопер во ЕЛАМИ, на настанот „Сајбер напади – предизборно оружје“, зборуваше за своето искуство со работата во ЦИВИЛ и за нападите и проблемите со кои се соочувал пред неколку години.
„Имавме илјадници прегледни дневно, кога тие се распространети во текот на 24 часа не е проблем, но серверите кои ги имавме не беа подготвени да ги издржат тие напади. Не само што нападите ни го бутнаа серверот, ама и компанијата ни го избриша сајтот. Среќа направив „бек ап“, го вративме сајтот на друг сервер и во следната минута повторно се повторија нападите“, изјави Климента.
„Сајбер нападите се глобален проблем, ги има насекаде, особено се насочени кон медиумите, а колку е еден медиум е помал, полесно е да му се наштети и потоа да се избрише истиот. Такво нешто не може да се случи со поголеми компании, како што е примерот со Фејсбук“, додаде Климента.
Тој додаде дека сајбер нападите не се само од технички аспект, туку тие влијаат и во општеството, наштетуваат и предизвикуваат стрес и болка кај луѓето.
„Досега не сум видел некој кај нас да одговара за ваквите напади, за такво злосторничко здружување“, додаде Климента.
А. Петровска