Во детската градинка „Рада Поцева“ во Кавадарци со капацитет од 560 деца, веќе неколку години се згрижуваат двојно повеќе! Овој проблем кулминираше пред четири години, а градоначалникот Александар Панов и во изборната програма најави изградба на нова градинка, ветување со кое освои изборни гласови од родителите. Но, како што ни јавува граѓанскиот новинар кој сака да остане анонимен, и денес, речиси четири години по изборното ветување, во градинката „Рада Поцева“ има групи и по 40 деца, а со нив работат и по една воспитувачка и негувателка. Многу деца според реакциите на родителите, се ставени на листа на чекање, за да бидат примени во градинката...
„Со таква концентрација во мал простор, многу лесно може да се шират заразни болести. Едно дете ако отиде во градинка болно, со цревен вирус или со грип, многу лесно се разболуваат и другите деца. Но, не е само тоа проблем. Децата, покрај играта, треба да исполнат и некакви други воспитни активности. Но, тоа е невозможно со ваква бројка. На 40 деца - еден воспитувач и една негователка се премалку! Единствена нивна задача во ваков случај е само да внимаваат децата да не се степаат“, коментираат родители кои имаат деца во градинката.
Наместо да се реши проблемот и да се реализира изборното ветување, во меѓувреме, извршена е преадаптација на Спомен домот во Ваташа, во мини-детска градинка. Таму сега се згрижуваат педесетина дечиња, а се доизгради уште еден објект и во градинката во ООУ „Гоце Делчев“. Но, со ова проблемот само се ублажува навидум, а не се решава.
Во пресрет на овие избори, повторно се ветува изградба на нова детска градинка, во кругот на Здравствениот дом. Како што најавија од Општината, во овој објект треба да се згрижат стотина дечиња. Но, и со евентуалното исполнување ова ветување, во Кавадарци недостига капацитет за згрижување на децата.
А дека проблемот е објективен и потребата од нова детска градинка - нужност, потврдуваат и барањата од надлежните во градинката „Рада Поцева“, адресирани до Општина Кавадарци.
„Детската градинка, како сериозна установа која се грижи за воспитувањето, правилниот раст и развој на децата, се грижи и за нивната безбедност. Родителите не треба да бидат загрижени, додека нивните деца се згрижени кај нас. Со зголемениот интерес од родителите - нивните деца да бидат згрижени во градинка, а судрени со проблемот на капацитетите на објектите со кои располагаме, се обраќаме до Вас, како надлежна институција да ни дадете согласност за прием на зголемен број деца, кои ќе бидат прифатени во нашата установа. Но, пред сé, да се водиме од безбедносниот момент на нашите најмили и да ставиме акцент на податокот дека во градинката се згрижени деца, чиј процент го надминува сто-отсто капацитетот на градинката“, стои во писменото барање што градинката неодамна го упати до Советот на Општината, со цел да се дозволи зголемување на групите во постоечките пет објекти.
Во август 2012 година, градоначалникот Александар Панов, кој го „трошеше“ првиот мандат изјави: „Независно од тоа што Општина Кавадарци е влезена во Програмата на Владата за изградба на нова градинка, ние не можеме да чекаме тоа да се случи во 2014-2015 година и токму поради тоа, новата транша од кредитот од Светска банка, ќе биде искористена за изградба на нова детска градинка. Заедно со Министерството за труд и социјална политика планираме да отвораме градинки, дури и во селата. Меѓутоа, тоа не го тангира градот, бидејќи најголемиот недостиг од места е токму во Кавадарци. Ќе се потрудиме да ги примиме и децата што се отповеќе, но само доколку тоа не е на штета на другите деца“, вети тогаш Панов.
Во кампањата за локалните избори во 2013 година, градоначалникот новата градинка ја имаше како главен адут, но ветувањето не се реализира до денес. Сега, пред изборите најавени за декември, доаѓаат нови ветувања за изградба на нова градинка во Кавадарци.
„Имаме од поодамна обезбедено една локација за која имаме и урбанистички план. Истата беше во овој период предмет на денационализација и враќање на старите сопственици. Сега, повторно почнуваме постапка за експропријација на тоа земјиште. Тогаш, кога ќе завршиме со постапката за експропријација, се надевам дека тоа ќе биде на почеток на наредната година, ќе имаме услови на повеќе од 2 декара простор, во урбаните заедници 'Задругар' и 'Слога', територијално да ја задоволиме оваа потреба“, изјави Панов деновиве, кога со заменик министерот Диме Спасов, вршеа увид на градежните работи за изградба на нова градинка во кругот на Здравствениот дом. Тој не ја пропушти приликата да спомене дека „има интерес за изградба на приватна градинка“
Додека постојано се ветува изградба на нова градинка во Кавадарци, растат сомнежите кај родителите, и обвинувањата дека локалната власт само ветува проекти, за да ќари изборни поени, но не - и за реално да ги реши проблемите на жителите.
Проект: „Граѓански објектив“