Ивановска, ДКСК, за транспарентноста и одговорноста во борбата против корупцијата (1 дел)

Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси, како една од говорничките на семинарот на ЦИВИЛ „Транспарентност и одговорност во политичките процеси“, ги дефинираше фундаметалните обврски, но и очекувања од ДКСК, како и потребата од соработка со граѓанскиот сектор, медиумите, институциите и се разбира со секој граѓанин или граѓанка поединечно. Преку конкретни примери, отворено, транспарентно и одговорно, Ивановска на јавноста ѝ ја доближи најзначајната институција во борба против корупцијата.

„Ова се наши први скромни почетоци во соработката со граѓанскиот сектор, но секој успех се должи на почеток. Мора да успееме. За успех треба ум во глава и срце во гради, чувство за правда. Јас не сум правник, но имам изразено чувство за правда и праведност и затоа и ќе се борам. Благодарение на учеството на граѓанското општество дојде до значајни промени во законите, вклучувајќи го и Законот за спречување на корупцијата. Првата значајна промена под притисок на граѓанските здруженија е начинот на избор на комисијата, како прв фактор кој овозможува неполитичко, одлучно и неселективно делување. Пред се луѓе кои немаат долг кон партија. Понатаму, поради граѓанскиоте организации се зголеми транпарентноста на комисијата. Сите наши седници се транспарентни, одлуките јавно и транспарентно ги обавување на веб страницата – сѐ што се работи е јавно“, кажа Ивановска на почетокот од своето излагање, укажувајќи дека новиот закон им овозможува и можност, доколку имаат притисоци, да се обратат во Собранието, што е особено важно како алатка за постигнување транспарентност и независност, но и како форма на јавен притисок.

„Сите знаеме дека справувањето со корупцијата, не само во нашето општество, е тешка, опасна работа. Неопходен е системски пристап и инклузивност, пред сѐ, на граѓаните, граѓанските здруженија, медиумите и ние. Тоа што ќе го донесеме како одлука, тука се медиумите да го објават, тоа што ќе го покренеме, тука се да прашаат, да следат до каде е постапката. Мислам дека заедно ќе успееме да дојдеме до резултати!“, категорична е Ивановска.

Таа говореше и за свеста. „Мора да ја промениме свеста за борбата со корупцијата. Прво, секој од нас треба да биде на чисто со борбата во себе, прво да не плати за услуга која му следува, и да не побара мито за тоа што го прави. Кога секој со себе ќе расчисти дека ниту ќе побара, ниту ќе даде, првиот чекор е промена на свеста. Борбата е во нас, само треба да излезе на површина. Тоа што секој може да го направи во јакнење на свеста на граѓаните. Мора да биде срамота тоа да се прави. Кога ќе биде осудено дека е срамота, тогаш ќе имаме борба со корупцијата. Едно време беше модерно ако си на функција, срамота е да немаш ти кола, да немаш привилегии. Тоа мора да го промениме“, објасни Ивановска.

Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, семинар на ЦИВИЛ „Транспарентност и одговрност“, Велес, 14 август 2019/Фотографија: Б. Јордановска ЦИВИЛ

„Корупцијата го крши владеењето на правото, ги крши човековите права, моралните вредности. Мора секому да стане јасно дека треба да го осудиме, обрукаме, исплукаме секој оној кој ќе си дозволи на нечесен начин нешто да стекне… Треба да создадеме ткиво здраво, секое ткиво почнува со една клетка. Ако ние сме критична маса, од тука натака ќе продолжиме така да правиме и однесуваме, да градиме здраво ткиво“, потенцираше Ивановска.

„Корупцијата го крши владеењето на правото, ги крши човековите права, моралните вредности. Мора секому да стане јасно дека треба да го осудиме, обрукаме, исплукаме секој оној кој ќе си дозволи на нечесен начин нешто да стекне…“, Билјана Ивановска, ДКСК/Фотографија Б. Јордановска ЦИВИЛ

„Многу информации ни испраќаат и многу луѓето се одзваа, што ни е посебно драго. Отворивме фронтови на сите страни. Луѓе доаѓаат постојано, не се случило некого да одбиеме. Ниеден не останал без одговор. Луѓето буквално се незадоволни од оваа држава, гневот се чувстувва во текстот, како е напишана пријавата. Го променивме деловникот за да не ги ставаме сите такви пријави на седница, туку да ги провериме, дали држат или не држат, па одлуките да ги ставиме на седница. Затоа што бевме злоупотребувани, преку нас со пријави се препукуваа политичките партии. Затоа повеќе ќе бидеме меѓу граѓаните, во институциите, да им кажеме на луѓето да не се продаваат, со вистински човечки судбини се тргува“, изјави Ивановска, мислејќи на едукација на граѓаните и нивната заложба повеќе да бидат меѓу нив и во нивна служба, постојано да се јакне граѓанската свест, да се охрабруваат дека никому ништо не должат.

Билјана Ивановска, на семинарот на ЦИВИЛ за транспарентни и одговорни политички процеси, Велес, 14 август 2019 / Фотографија: Б. Јордановска/ЦИВИЛ

„Знаете дека од 2016 функционира Закон за укажувачи. Додека не почна комисијата да функционира (ДКСК), немаше пријави. Имало две во Министерството за одбрана, кои, откако укажувачите пријавиле до инситуциите, излегоа на Фејсбук. А знаете дека укажувачите прават крупни промени во државата. Сега веќе, во овие шест месеци, 12 предмети имаме, некои во завршна фаза. Со таа процедура (за укажувачи) добиваат целосна заштита од државата. Доволно е само да кажат дека одат кај лицето за заштита на укажувачи. Доволно е да кажат дека одат кај Ирена Поповска, која е контакт лице за укажувачи во ДКСК. Не смеат ни да ги идентификуваат. Тоа е голем чекор“, вели Ивановска, апелирајќи дека не треба граѓаните да се плашат, а дека обврска што ја презема ДКСК е да ги охрабрат да не молчат пред неправдата.

„Имаме 20 луѓе по систематизација од 51 вработен, правена по стариот закон, кога комисијата немаше толку надлежности. Сега има две страници надлежности. Буџетот е правен по претходната година, кога не функционираше комисијата. Ние функционираме со донатори, и тоа ќе си го кажеме за следниот буџет. Сите суштински работи се од донатори. Имавме средба со премиерот, од нас се бараше да кажеме дека како држава немаме пари да обезбедиме софтвер кој чини колку два наши буџети. Тоа од една страна го ставаш како стратешка цел, срамота е да кажеш дека немаш пари. Од друга страна, буџетот е готов, да бараш ребаланс не иде. Тоа значи дека ние пола мандат ќе изгубиме додека го добиеме тој софтвер. Од 20 луѓе 9 работат со комисијата, односно се советници, и тие се треба да ја опслужат. Многу е тешко од тој аспект“, ја објасни Ивановска структурата и финасирањето на ДКСК во завршниот дел од своето излагање по што следуваше двочасовна дискусија на тема корупција и како против неа.

Биљана Јордановска
во соработка со Игор К. Илиевски
камера: Атанас Петровски
монтажа и фотографија: Биљана Јордановска


Семинарот „Граѓански објектив: Транспарентност и одговорност во политичките процеси“ е дел од истоимениот проект, финансиран од National Endowment for Democracy.

ЦИВИЛ во наредните денови ќе ги објави и другите делови од излагањето Билјана Ивановска и градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Повеќе информации за семинарот „Транспарентност и одговорност во полтичките процеси“:

Семинар на ЦИВИЛ за транспарентноста, одговорноста и разочарувањата

Бранимир Јовановиќ за (не)одговорноста во спроведувањето на владините реформи (1 дел)

Јовановиќ: Каде згреши оваа власт? (2 дел)

Бранимир Јовановиќ за можните излези од политичката криза (3 дел)


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.

This post is also available in: English