Потресни приказни за социјалната (не)правда, сиромаштијата, негрижата на институциите и здравството, кршењето на работничките права, се само дел од сториите кои ги подготвија учесниците на семинарот за граѓанско новинарство во Штип.
Петтиот регионален семинар за граѓанско новинарство на ЦИВИЛ-Центар за слобода се одржа во Штип на 25 и 26 март. На семинарот учествуваа заинтересирани граѓанки и граѓани од општините Штип, Облешево, Виница, Кочани, Пробиштип, Делчево, Берово и Македонска Каменица
Првиот ден од семинар за граѓанско новинарство учесниците се здобија со теоретски познавања за граѓанскиот активизам, за онлајн активизамот и за основите на новинарството во Македонија.
По одлична теренска работа во центарот на Штип, во недела, евалуацијата на нивните видео-прилози и фото-материјали покажа дека имаме храбри, вешти и активни граѓанки и граѓани.
ЦИВИЛ ги охрабрува да продолжат со борбата за подобро општество со своите активности кои придонесуваат кон транспарентни и одговорни политички процеси во земјата.
Нивните стории ќе бидат објавени на специјализираниот сајт на ЦИВИЛ за граѓанско новинарство, а најуспешните и на civil.media.mk.
„Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за долгорочно набљудување на состојбата на човековите права, политичките процеси и изборите. Овој проект веќе втора година придонесува кон развојот на граѓанското новинарство во земјата.
Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.