Голем национален семинар на ЦИВИЛ за граѓанско новинарство и мониторинг

Доколку сакате да бидете дел од мониторинг тимот на ЦИВИЛ или пак сакате да известувате за случувањата во предизборниот период, како и за време на одржувањето на изборите на 12 април, ова е вистинското место за вас!
На 21 март (сабота) во Скопје, хотел Континентал, ЦИВИЛ организира голем семинар за граѓанско новинарство и мониторинг на национално ниво. Семинарот е посветен на спроведувањето на транспарентни и одговорни политички процеси со посебен акцент на мониторингот на државните институции за спроведување на предвремените парламентарни избори во земјата, како и сите учесници во процесот.

Овој семинар е одлична можност за сите граѓанки и граѓани кои сакаат да соработуваат со ЦИВИЛ во изборниот мониторинг или во други проекти на ЦИВИЛ.

ПРИЈАВА ЗА УЧЕСТВО 

Право на учество имаат сите заинтересирани граѓан(к)и од целата земја. Поради новата методологија, ЦИВИЛ ќе ги земе предвид и апликациите на оние граѓанки и граѓани кои претходно учествувале на некој од семинарите на ЦИВИЛ, но предност ќе имаат тие што за прв пат се пријавуваат на овој семинар. Патните трошоци ги покрива организацијата.

Во период на политички превирања, кога низ државата сè почесто има протести, говор на омраза, граѓанските новинар(к)и се тие кои може да придонесат кон зачувување на мирот и зајакнување на демократските процеси.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани, како и своите досегашни учесници и соработници од семинарите за граѓанско новинарство, како и сите заинтересирани за мониторинг на изборните процеси да фотографираат, снимаат и забележуваат.

Говорот на омразата, дезинформациите, лажните вести, црната кампања и корупцијата се темите кои се во фокусот на нашата работа. Преку граѓанското новинарство, граѓанките и граѓаните имаат можност да бидат контролори на работата на државните и локалните функционери и институции и да вршат притисок тие да работат според законите, транспарентно и одговорно.

ЦИВИЛ тим за комуникации