Од час во час се повеќе расте бројот на пријавени учесници на Конференцијата за изборни реформи „Перспективите на македонските избори“ која ја организира ЦИВИЛ во Скопје, хотел Континентал (Кристална сала), на 25 септември со почеток во 12 часот.
Своето присуство го најавија лидерите и претставниците на речиси сите парламентарни партии, но и на неколку вонпарламентарни, затоа што ЦИВИЛ ги покани сите, без оглед на тоа дали се работи за голема или мала политичка партија, дали е застапена во сегашниот состав на Собранието или е вонпарламентарна.
Меѓу присутните ќе бидат и релевантни експерти и претставници на граѓанското општество и на меѓународната заедница.
Поради големиот интерес и ограничениот број на места, учеството е можно преку онлајн апликацијата за учество.
На Конференцијата ќе се говори за потребата од реформи во изборниот систем во целост, а поконкретно ќе се отворат темите за Изборниот законик, изборниот модел, Избирачкиот список, политичкото финансирање и медиумите и изборите. Учесничките и учесниците на Конференцијата ќе се обидат да дадат одговори на прашањата дали, како и во кој временски рок се возможни реформи во изборниот систем. Деталната програма, како и листата на говорници ќе биде објавена на 18 септември.
Конференцијата ќе ја отворат претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и германскиот амбасадор Томас Герберих.
Настанот е дел од проектот „Слободни граѓанки и граѓани за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
ЦИВИЛ тим за комуникации
This post is also available in: English