ЦИВИЛ продолжува со серијата семинари за транспарентност, антикорупција и одговорни политички процеси. Семинарите се дел од долгогодишниот проект „Граѓански објектив“ и во кои до сега учествувале повеќе од 1.200 граѓански новинари, активисти и многу други заинтересирани за граѓанско учество во донесувањето на одлуките на локално и национално ниво.
Серијата семинари под заеднички назив „Граѓански објектив: Граѓан(к)ите учествуваат, набљудуваат и известуваат“ продолжуваат во Струга, во хотел „Београд“, во центарот на градот, на 24 и 25 октомври (сабота и недела) со почеток во 11 часот. На семинарот може да учествуваат сите заинтересирани граѓанки и граѓани од општините Охрид, Струга, Центар Жупа, Вевчани, Дебар, Дебарца, Ресен и Кичево. Бројот на учесници е ограничен на 20, а ЦИВИЛ за таа намена обезбедува голем простор согласно мерките за заштита од Ковид-19 за максимално почитување на протоколите за безбедност од корона вирусот.
ПРИЈАВА ЗА УЧЕСТВО
Овој семинар е одлична можност за сите граѓанки и граѓани кои сакаат да соработуваат во проектите, иницијативите и активностите на ЦИВИЛ. Меѓу другото, ЦИВИЛ на овој семинар ќе ги резимира резултатите од претходните граѓански иницијативи, меѓу кои и онаа за укинување на привилегиите на функционерите, во пресрет на воспоставувањето на новиот парламентарен состав.
Поради новата методологија, ЦИВИЛ ќе ги земе предвид и апликациите на оние граѓанки и граѓани кои претходно учествувале на некој од семинарите на ЦИВИЛ, но предност ќе имаат тие што за прв пат се пријавуваат на овој семинар. Патните трошоци ги покрива организацијата.
ЦИВИЛ тим за комуникации