Опозицијата побрза, јавајќи на моментниот „висок бран“ на локалните изборни резултати, да се пофали со ново мнозинство во Собранието. Власта, со право, сега вели повелете, да гласаме, па да видиме дали го имате или не. Заев дури сега не треба да брза со формално поднесување на оставката во собраниска процедура, бидејќи иницијативата е на страна на опозицијата
САШО ОРДАНОСКИ
Не е првпат во историјата на македонската демократија прогнозата за тоа каква ќе биде политичката разврска во некаков догледен период да ги прави астролошките хороскопски предвидувања да изгледаат како добро втемелена научна дисциплина. Во чија политичка корист ќе се наредат лидерските ѕвезди и нивните коалициски соѕвездија? Впрочем, за тоа сите денес ќе беседат…
Од настаните за време на викендов, разбравме дека се составени 61 потписи на пратеници во Собранието кои би се согласиле да ја урнат Владата на СДСМ, ДУИ и преостанатите коалициски партии во сегашната власт. Но, што потоа, не разбравме. Ако власта функционираше како „воловски рогови во вреќа“ (а, такви ѝ се и резултатите од владеењето), ова ново создадено мнозинство – ако воопшто додржи до понеделник на пладне! – е како „слоновски кљови (на македонски, тоа се нарекува бивни) во вреќа“, што се заканува со уште полоши резултати и пред да почне да стане збор за владеење: ВМРО-ДПМНЕ прилично ги „отепа“ изборните резултати на Алијанса и Алтернатива, но седнувањето на маса со радикалната националистичка и антизападна десничарска Левица може буквално да ги дотепа, со БЕСА свежо придружена во тоа друштво.
Бидејќи, со ова мнозинство тие можат да ја кутнат оваа Влада, но доколку формираат своја, таквата власт во Собранието ќе биде „пијано“-малцинска, со поддршка од двата гласа на Левица кои не би влегле во новата влада – и нејзината стабилност ќе зависи од секојдневните будалести изјави на Апасиев и другарите. Тоа Мицкоски некако и би можел да го „свари“, но ќе биде смејурија да се следат лидерите на албанските партии во таа влада кога ќе бидат недогледно прозивани за политиките во клучните домашни и меѓународни области на земјата. Нота бене, прозивките нема да доаѓаат само од Македонија.
Можеби додека ова го читате, веќе и други пратеници се приклучиле, а други се „исклучиле“ од таквото ново владино мнозинство, елиминирајќи ја „токсичноста“ на Левица? За тоа има во Собранието барем уште 5-6 мина кај кои изборот е персонален (што и да значи тоа), бидејќи идеологиите одамна се шутнаа во ендек. Тој избор е најделикатен за ДОМ и ЛДП, оти за претпоставка е дека таму разбираат дека од одлуката за поддршка или не на Мицкоски ќе им зависи опстанокот (точен е тој глагол) веќе на идните избори.
Главната владејачка политика во таквата владина платформа би се свела на силната желба за одмазда. Партиите на Албанците неограничено го мразат ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ неограничено го мрази СДСМ, но проблемот е што одмаздата е најефектна кога се сервира студена, а оваа е прегреана и пред да почне да се служи. Ако ја биде, ќе биде тоа вревлива „забава за народ“ со многу негативна енергија и „крв“ пролеани по социјалните мрежи (со надеж дека „крвопролевањето“ таму и ќе заврши), а кога по два-три месеци ќе помине меракот, листата на реалните проблеми во владеењето со земјава ќе им се срушат врз главата уште пожестоко од сегашната, плус новите компликации што сега можат само да се нагаѓаат. Тоа нивно „демаскирање“ може да биде лоша стартна позиција за одложени вонредни избори. Многу е полесно да седиш во опозиција и да дрдориш за „напатеноста на народот“; кога си на власт, „народот“ е во твоја надлежност, а нервите му се прилично истенчени.
Според тоа, што побрзо заминување на предвремени избори се чини подобра опција за тукушто најавеното ново мнозинство во Собранието. Но, ако ВМРО-ДПМНЕ и оствари добар резултат на таквите претпоставени избори (со СДСМ во предвидлив, продолжен внатрепартиски нок-даун), а Левица освои 2-3 плус пратеници од сегашниот број во ова Собрание, кој ќе биде резултатот на блокот албански партии против ДУИ, никој не може со сигурност да претпостави. Да не се формира потоа влада меѓу Мицкоски и Ахмети (за што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ остава јасен простор во сите сегашните изјави); или Села и друштвото, за да го избегнат тој постизборен ВМРО/ДУИ „прст в уста“, да не мораат тогаш да решаваат да влегуваат во коалициска влада со бројчано засилена Левица… Е, дури тоа би било политички самоубиствено ставање прсти на друго место, а не делува нереално.
Сето ова се „натегнати“ претпоставки врз основа на резултатите од сегашниве локални избори и перипетиите што следуваа. Каде, пак, ќе отидат гласовите на неколку стотици илјади гласачи кои решија локалните избори активно или пасивно да ги „преспијат“ – тоа, во контекст на парламентарни избори, никој со точност не знае.
Конечно, опозицијата побрза, јавајќи на моментниот „висок бран“ на локалните изборни резултати, да се пофали со ново мнозинство во Собранието. Власта, со право, сега вели повелете, да гласаме, па да видиме дали го имате или не. Заев дури сега не треба да брза со формално поднесување на оставката во собраниска процедура, бидејќи иницијативата доброволно ја презема опозицијата.
Но, доколку не успеат да го надгласаат и да го срушат владејачкото мнозинство, тогаш ТИЕ му „отвораат врата“ на Заев да размисли дали да не ја повлече својата оставка од премиерската функција?! Притисоците за менување на таа негова одлука се големи и дома и од надвор, ќе остане личната посрамотеност на самиот Заев да го оствари она што решително го најави. Во даденава ситуација, и тој (привремен) расплет е можен, диктиран од политичката реалност, а не од искрените емоции на еден лидер.
Бугарите имаат една народна поговорка која вели: „Дојди зло, оти без тебе уште позло!“… Тоа е таа „заедничка историја“ – хехехе – што ја споделуваме со нашиот источен сосед. Вирусот на нивното внатрешно-политичко зло се пренесе и овде, во недостаток на ветените, а неиспорачани западни вакцини…
П.С. Овој текст оди во печат во недела рано попладне… Тешки времиња за анализи – којзнае што ќе нѐ дочека до понеделник наутро! Проверив и во астролошкиот хороскоп, ни таму нема јасни политички назнаки.