ЦИВИЛ - Центар за слобода, денеска ги додели наградите од третиот цикилус од натпреварот „Биди граѓански новинар“, во хотелот „Опера Хаус“.
Пристигнатите материјали ги оцени комисијата на ЦИВИЛ, во вторник, 17 мај. Комисијата додели четири четврти награди и по две - трети, втори и први награди.
Четвртата награда ја освоија Силвана Митрева за фото-веста „Младите си отидоа, партијата се вработи“ , Хадис Сулимани за видео-веста „Спонтано чистење на пораките на ОК на ВМРО – ДПМНЕ – „Центар“ , и фото-вестите „Притисоци врз невработени лица со заканувачки пораки“ и „Реформи“ за планирање семејства: Граѓанките кои планираат бременост веднаш да го информираат лекарот!? чии автори - граѓански новинари, сакаа да останат анонимни.
Третонаградени беа Јане Мамучевски за текстот „Градоначалникот на Берово му забранил пристап на новинар“ и граѓанскиот новинар кој иста така, побара да остане анонимен, за фото-веста од контра-протестите во Скопје „Контра–протестот задоцни поради доцнење на автобусите“ .
Граѓанските новинари Христина Илијева за приказната „Притисок врз активист на опозицијата“ и Дејан Ристов за видео веста „Велес, 17 април 2016: Мафија на робија!“ ги освоија двете втори награди.
Првите награди ги добија граѓански новинари од Скопје и Битола, за видео-веста од протестите на 13 април, кога беше демолирана Народната канцеларија на Ѓорге Иванов „#Macedonia protest: Police action, violence and arrests in Skopje“ и за фото -веста „Злоупотреба на лични податоци во Битола“.
Наградите беа доделени во рамки на проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ, финансиран од National Endowment for Democracy.