Технологијата и активизмот се сплотија во жестока битка за менување на ликот на една од најмоќните творби на човекот - медиумите. Нивното величество, медиумите, веќе не се неприкосновени господари на вистината, единствените сведоци, поважни и од самите настани. Пристигна граѓанското новинарство!
Дилемите околу трансформацијата на медиумите во светот се расчистени. Тие што ги следат квантните скокови на коминикациските и информатичките технологии знаат дека новинарството какво што го знаевме до пред само неколку години - е мртво.
Во спрега со новите технологии и интернетот, граѓанското новинарство ги промени медиумите, а со тоа и светот. Кој не може и не сака да прифати дека медиумите се променети од корен и дека денес секој може да биде граѓански-а новинар-ка, тогаш подобро да се подготви за пензија. Во медиумскиот хипер простор не остана место за арогантните, самопрогласени величини кои за себе тврдат дека сѐ уште се единствените кои релевантно се занимаваат со фактите. Свесни и активни граѓанки и граѓани можат да истражуваат и да известуваат за настаните и темите кои ја засегнуваат нивната заедница и општеството во целост.
Проектот „Граѓански објектив“ го овозможува тој простор, граѓанските новинарки и новинари да известуваат и објавуваат без страв и без стеги. Нивните снимки можеби не се толку јасни и квалитетни, но затоа се директни и ја претставуваат реалноста без посредници. ЦИВИЛ ја отвори можноста тие безбедно и со наша поддршка да објавуваат стории без цензура. Ги охрабруваме сите засегнати граѓанки и граѓани да известуваат без страв и без обврска некому да му направат услуга. Тој принцип, заедно со извикот „Ние сме медиумите!“ отвори нова страница во медиумите и во активизмот во земјава.
Во оваа публикација ќе се обидеме да ја раскажеме приказната за граѓанското новинарство кое го претставивме со овој проект пред илјадници луѓе преку Интернет и во живо, со мултимедијални настапи на плоштадите во градовите низ целата земја. Истовремено, мониторинг тимовите и новинарксата екипа на ЦИВИЛ беа посветени на следење на состојбите во доменот на човековите права и слободи, политичкиот процес и изборите. Сите заедно работеа на повеќе теми и така го воведоа кооперативното новинарство, добро познато во светот, а сега реалност и во Македонија.
Наспроти атмосферата на страв и стигматизација, храбрите активисти ја раскажуваа приказната за турбулентната политичка и социјална реалност на земјата. Притисоците кои ги трпиме се дополнителен предизвик за нас. На секој притисок одговараме со повеќе работа и интензивна потрага по фактите.
Сакам овде, во името на ЦИВИЛ и во свое име, да им заблагодарам на сите храбри граѓански активисти, членовите и поддржувачите на организацијата која имам чест да ја водам, сите мои колешки и колеги, за нивната непоколеблива заложба за слобода на изразувањето, која ја манифестираат со учество во овој проект. Им благодарам и на National Endowment for Democracy за поддршката на нашата и ваша организација да го спроведе овој, според мене, исклучително важен проект. Воедно, им благодарам на сите што ги следеа нашите активности и ги споделија своите мисли и ставови со нас. За одбележување е и реакцијата на неколку институции кои најдоа време и доблест да реагираат позитивно на сториите на граѓанските новинарки и новинари.
Ние во ЦИВИЛ, често знаеме да искажеме благодарност и до оние кои се обидуваат, преку притисоци и закани до нас и до граѓанските новинарки и новинари, да ги скријат фактите, бидејќи тоа нѐ храбри и поттикнува на понатамошна акција.
Прочитајте ја и споделете ја оваа публикација со вашите пријателки и пријатели. И пишувајте нови страници во неа. Држете го вашиот објектив секогаш подготвен да ја улови и распространи вистината. Ние сме медиумите!
Џабир Дерала
Оваа содржина е дел од публикацијата „Ние сме медиумите“ која ЦИВИЛ - Центар за слобода ја објави во рамки на проектот Граѓански објектив.