Хелсиншкиот Комитет за човекови права, во изминатиот период дојде до сознание дека неколку радиодифузери и медиуми поради несоодветна примена на одредби од Изборниот Законик нема да бидат во можност да се вклучат во медиумското претставување на кандидатите за Претседател на Република Северна Македонија. Врз основа на приложените документи и одредбите од Изборниот Законик, Комитетот подготви правно мислење за овој случај. Станува збор за одредбите со кои законот ги регулира правата и обврските на медиумите кои се заинтересирани да се вклучат во медиумското претставување на кандидатите што учествуваат на избори и како соодветно да го спроведат медиумското претставување на балансиран и фер начин.
Хелсиншкиот комитет апелира ДИК во најбрз можен рок на јасен, прецизен и недвосмислен начин да даде појаснувања и препораки за примената на одредбите повразни со медиумското претставување на кандидатите за време на кампања (од член 75 до член 76-д), да даде поконкретни упатства што значи обврската и рокот утврден со член 75-ѓ (ст. 3, 4 и 5), дали е тој рок преклузивен и кои се конкретните правни последици од пропуштање на тој рок.
Доколку ДИК даде мислење дека тој рок е преклузивен и пропуштањето на истиот ги ограничува радиодифузерите, кои го пропуштиле рокот да ги поднесат навреме ценовниците до надлежните институции, да учествуваат во медиумското претставување на кандидатите на овие претседателски избори, треба за тоа да донесе конкретен правен акт-одлука за секој радиодифузер, односно медиум поединечно, за тие да имаат можност да бараат соодветна правна, односно судска заштита.
Во спротивно, ДИК би постапил арбитрарно, што е спротивно на позитивните правни прописи и Уставот на РСМ.
Целосна анализа на Хлесиншки комитет може да се види на следниот линк.