На социјалните мрежи е постирано видео на кое неколкумина полицајци жестоко тепаат Роми од Битола. Видеото е постирано денеска, а кога се случи настанот нема податоци.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала вели дека полицијата мора да биде пример за законито однесување.
„Згрозени сме од бруталноста на полициските службеници во снимката што беше објавена денеска. Во овој случај, правната држава треба да одреди најстрога санкција според законот. Униформата не смее да биде заштита на насилниците, туку заштита од насилството. Неказнивоста мора да престане“, нагласи Дерала.
Од МВР велат дека е утврден идентитетот на учесниците и дека по расчистување на случајот ќе ја информираат јавноста.
„Во врска со видео материјалот што денеска (24.09.) беше објавен на социјалните мрежи, а на кое се гледа незаконито и непрофесионално постапување на полициски службеници, Ве известуваме дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи веќе го утврди идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот по што јавноста ќе биде соодветно информирана“, соопштуваат од МВР.
Д. М.