„За состојбата во која се наоѓа општеството и политичкиот систем во целост, заслужни се тешките пропусти направени во креирањето на изборниот систем, а уште повеќе во изборните практики. Самите изборни процеси не се изолирани од сè останато во општествено-политичкото и правниот поредок. Напротив, тие се истовремено и последица и причинител за позитивните или негативните состојби во целокупното живеење на едно општество и на државата.“, вели Џабир Дерала, на почетокот на презентацијата на анализата и препораките што произлегуваат од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ за Локалните избори 2021, на настанот на ЦИВИЛ „Локални избори: Научени Лекции“.
Дерала се осврна на уделот на јавноста, а посебно на политичките партии за одговорноста за тешките состојби во критични области во општеството и политиката.
„И јавноста, но и политичките партии, често ја истакнуваат одговорноста на самите политички партии за овие состојби. Се разбира, секоја политичка партија ја наоѓа одговорноста кај друга политичка партија, а неретко и во сите останати политички партии во земјата. Секогаш некој друг е виновен за тешките состојби во критични области во општеството и политиката.
Помалите политички партии, најчесто со право, говорат за тоа дека системот е неправеден, дека немаат пристап до ресурси и медиуми. Нивните критики најчесто се сведуваат на констатацијата дека системот се креира и одржува на тој начин што ги брани интересите на големите политички партии. Големите да останат големи или да станат уште поголеми, а малите да останат мали, да се претопат во големите или да исчезнат.
Тоа не е далеку од вистината. Впрочем, и во другите области во поредокот се гледаат истите тенденции. Така е и во економијата, а така е и во животот.
Тоа што често се „заборава“ е фактот дека и помалите политички партии носат одговорност за состојбите во овој контекст. Помалите политички партии имаат сериозен удел, поголем дури и од своите размери, во корумпирањето на системот.“
Во однос на унапредувањето на политичкиот систем, демократијата и демократските институции, Дерала посочува дека шансите се мали, со оглед на постојната политичка култура и со легислатива и манирите на имплементација какви што имаме во нашата земја.
„Клиентелизмот, кронизмот, политичкиот парохијализам, трговијата со влијанија и низа други појави, често започнуваат и завршуваат токму во пазарењето меѓу политичките партии, каде што помалите политички партии имаат голема улога. Мали по обем, но големи по влијание. За жал, тоа влијание често се користи за теснопартиски и лични интереси, а не за наметнување на идеи, проекти, стратегии и определби.
Политичкиот систем, демократијата и демократските институции нема никогаш да добијат ни најмала шанса за унапредување, со постојната политичка култура и со легислатива и манирите на имплементација какви што имаме во нашата земја. Оттаму, не можеме да очекуваме ниту почитување на човековите права и слободи, а во овој контекст, ниту правото на глас кое е едно од фундаменталните човекови права.“
„Не смееме да ја занемариме ниту одговорноста што ја имаат и другите чинители во општеството. Неславна е улогата што ја играат дел од организациите на граѓанското општество и дел од медиумите. Поточно, политичките и други центри на моќта, ја злоупотребуваат можноста за граѓанско организирање и за креирање на јавното мислење преку медиумите.
Сите заедно, на различни начини, учествуваат во деградацијата на изборниот систем, а со тоа и на демократијата. Тоа придонесува кон недоволно разбирање, па дури и отфрлање на основните принципи на демократијата, силна недоверба во институциите и целосно занемарување на човековите права и слободи кај голем дел од граѓанките и граѓаните.
Нека ми простат оние што имаат почувствителни уши, но изгледа дека различните чинители во општеството и државата, почнувајќи од политичките партии, завршувајќи со граѓанките и граѓаните, во овој контекст – гласачите, се во некој вид садо-мазохистичка релација. Тие постојано се измачуваат меѓусебно и уживаат во тоа. Се уште не се најде општествена или политичка сила која ќе му стави крај на ова бескрајно измачување. Ваквите повици најчесто остануваат да одекнуваат во општество без политичка, изборна и медиумска култура.“, вели Дерала.
„Во нашите политички процеси и процесите на донесување одлуки, недостасуваат визија и стратегија. Уште повеќе, недостасуваат искреност и свест за универзалните придобивки од демократијата. Недостасува сознанието дека сите се добитници во добро уредена, правична и праведна демократија, отпорна на деструктивни влијанија однадвор. Затоа, нашето општество и државата, всушност ги носи стихијата, а не планот, идеите и стратегиите. Оттаму, премногу моќ се концентрира кај поединци или мали групи од моќни луѓе во чии раце политичките партии и институциите се само алатки за постигнување на тесни цели.
Најголемиот добитник од долгорочните стратегии, добро осмислени и уште подобро спроведени во инклузивен процес, се граѓанките и граѓаните.“, заклучи на крајот на излагањето Дерала.
Камера: Атанас Петровски
Монтажа и реализација: Ариан Мехмети
Фотографија: Горан Наумовски
This post is also available in: English