„Недостигот на институционална волја за решавање на случаите каде се регистрира говор на омраза , покажува дека човековите права не се заштитени и тоа испраќа лоша порака“, вели адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
Со него разговаравме на правните механизми кои стојат на располагање за заштита, можностите да се откријат кои се авторите на говорот на омраза со сокриен идентитет, одредбите кои постојат во законското решение, праксата на ЕСЧП наспроти непостапувањето на домашните институции.
„Законското решение според мене е во ред бидејќи ги опфаќа сите облици на говорот на омраза дури и ширење на ксенофобичен материјал преку компјутерски систем така да и тоа мислам дека во овој миг е доволно за да може да се санкционира. Меѓутоа, со нефункционирањето на системот, непреземање дејствија и неотворање на постапки толку многу се омасови говорот на омраза што стана секојдневие.
Постојано имате навреди, етикетирање и омаловажување. За жал, тоа го прават и политичарите кои во последно време се мерило и мерка за луѓето, па гледајќи ги нив луѓето често пати се осудуваат на ист начин да реагираат, а особено кога нема санкционирање и нема казна за она што го правите, апсолутно сметате дека е се допуштено“, вели Давидовиќ.
Го прашавме Давидовиќ, што може да се направи доколку говорот на омраза доаѓа од профили на социјалните мрежи кои го сокриле својот, а се претставуваат со лажен идентитет?
„Прашање на волја и желба на институциите е навистина да си ја сработат работата за која се должни. Дури и со лажен профил на Фејсбук, МВР има можност да утврди за која личност се работи. И да покрене и поднесе кривична пријава до Обвинителството, а тоа да ја сработи работата и да покрене обвинение пред суд. За жал, тоа не го прават. Потребно е неколку вакви случаи да се покренат и избуткаат условно кажано до крај, за она за казнената и воспитната превенција навистина да профункционира. Да му се покаже на сторителот дека не може на тој начин да се однесува но и на другите да им се покаже дека постојат санкции“, вели Давидовиќ.
Петар Клинчарски
камера: Дехран Муратов
монтажа: Биљана Јордановска