Во Делчево ќе се земаат брисеви за корона вирус

На територијата на Делчево, досега за коронавирусот се тестирани шест лица и сите тестови се негативни. Според информацијата од Центарот за јавно здравје – Делчево, до денеска вкупно пет лица се во самоизолација. Од делчевскиот Здравствен дом информираа дека наскоро во Делчево ќе може да се земаат брисеви за тестирање на коронавирус.

„Ќе се тестираат граѓани по епидемиолошки индикации и со закажување по претходна најава кај матичниот лекар кој ќе треба да пополни алгоритам што ќе укаже на тоа дали граѓанинот треба да биде тестиран или не. Брисевите ќе се препраќаат во Кочани и евентуално Берово, по што резутатите ќе ни бидат соопштени“ истакнаа од Здравствен дом „Гоце Делчев“.

Во периодот од 13 март 2020 година до денеска во самоизолација во Делчево биле 720 лица, додека како што информираат од делчевската полиција пет лица се во државен карантин.

„Во овој период ПС Делчево поднела 16 кривични пријави од кои пет се за кривично дело за непочитување на мерката за самоизолација, додека 11 лица го прекршиле полицискиот час“ истакнаа од ПС Делчево.

Со цел избегнување на драконските казни за прекршување на мерките и загрозување на колективното здравје од делчевската полиција апелираа на следење на препораките и одбегнување на казнувањето како репресивна мерка

Извор: МИА