Бојкот на пописот е кривично дело, целта на пописот е да соберат податоци, а не казни…

Преку апликацијата за самопишување до денеска се евидентирани 148.719 лица. Самопопишувањето на дијаспората ќе трае до 21 април.

„Пописот е статистичка операција во интерес на сите граѓани и не се прави ниту за Владата, ниту за некоја политичка партија, а Државниот завод за статистика гарантира за безбедноста на процесот и за почитувањето мерките содржани во Протоколот, со што никој нема да биде доведен во опасност“, изјави првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Директорот на ДЗС ги повика сите граѓани (Албанци, Роми, Турци, Власи, Срби, Бошњаци…), особено Македонците да учествуваат на пописот и да не подлегнуваат на повиците за бојкот на пописот.

„Еве се подобруваат временските услови и пописот може да се спроведе на отворено, бидејќи не сакаме ниту граѓаните ниту попишувачите да се заразат. Ќе бидат припазени сите мерки за заштита од Ковид-19.

Хушкачите имаат за цел да и наштетат на државата, да пропадне во кал, а не да оди напред. Не им е грижа нив за здравјето на граѓаните. Пописот ќе се одржи, нема да се одложи. Деструктивните сили имаат цел да шират лажни вести, таквите центри за ширење на дезинформации не треба да се слушаат.

Тој истакна дека ќе ги пријават сите за кои имаат информации дека повикуваат на бојкот.

Ние не сме обвинителство и суд и не можеме да реагираме, но можат надлежните институции да поведат постапки против тие што повикуваат на бојкот. Но, нам не ни е целта да се казнуваат граѓаните, нам ни е цел да собереме податоци“.

Симовски нагласи дека ако имаме масовен бојкот ќе тонеме во калта се подлабоко.

„Ние сме единствена земја во светот што немаме 20 години попис. Ако целта е да потонеме што повеќе нека повелат нека бојкотираат.

Ако може да се вакцинираат сите попишувачи, би можело да се одложи пописот, но во моментот не размислуваме за одложување, бидејќи немаме вакцини. Во однос на заболени попишувачи никој не може да предвиди дали некој ќе се разболи додека трае пописот, затоа ние имаме резервни попишувачи“, рече Симовски.

Тој уверува дека Комисијата за заразни болести многу внимателно ги разгледала сите можни ситуации и донела навистина ригорозни препораки.

„Тие препораки се преточени во одлука на Владата и наша обврска е да ги почитуваме. Но, и граѓаните треба да ги почитуваат тие протоколи, бидејќи не вреди ништо ако попишувачот дојде маскиран целиот, не знам, со комбинезони на себе, со маска, ракавици, ако граѓанинот се шета без маска. Или, не можеме да гарантираме за неодговорно однесување на поединци после заминување на попишувачот ако отидат во кафеана и си седнат со друштво итн.“, изјави Симовски.

Нагласи дека негативната кампања за пописот всушност ја прават луѓе кои очигледно не ѝ сакаат добро на сопствената држава и на сопствените граѓани.

„Не е проблемот дали некој ќе биде казнет или не, многу е лесно да казните поединец, ако не сака да даде податоци, и тоа ќе го направиме, да се разбереме, нема да простиме. Меѓутоа, целта не е да собереме казни туку да собереме податоци. Ние влегуваме во оваа операција којашто се подготвува поприлично долго време, којашто чини страшно многу пари, којашто ангажира страшно многу луѓе, и да биде залудна, навистина ќе биде страшно“, вели Симовски.

Владата со став дека пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој, а протоколи и досега давале целосна заштита во други процеси. Владиниот портпарол Душко Арсовски истакна дека прават се што е потребно за заштита на населението.

„Имаме прецизни протоколи, скроени за безбедно спроведување. Подготвени сме за секој детал, за секоја ситуација и сите постапки течат непречено. Протоколот го изработи Комисијата за заразни болести. Стандардите за заштита се највисоки и во целост ги штитат граѓаните и попишувачите, нагласи тој и информира дека се ангажирани голем број координатори и попишувачи, кои ги следат протоколите за да нема потреба од никакви одложувања.

Од владејачката СДСМ на став дека пописот ќе се спроведе согласно сите здравствени протоколи. Пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов вчера на прес-конференција од Собранието посочи дека државата има капацитет и е гарант дека во најголемата статистичка операција, целосно ќе биде заштитено здравјето како на граѓаните, таа и на попишувачите.

„Попишувачите коишто ќе бидат на терен и во непосреден контакт максимално ќе ги почитуваат мерките и протоколите за заштита на здравјето. Овде државата е гарант дека од страна на попишувачите на ниту еден начин нема да биде загрозено здравјето на граѓаните. Од друга страна речиси 20 години сме без одржан попис и сметам дека навистина е голема неопходноста за одржување на една таква статистичка операција и како таква граѓаните ја разбираат и како таква ќе биде реализирана, имплементирана во државата“, заклучи Костадинов.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара одложување на пописот веднаш, посочувајќи дека здравјето на граѓаните не смее да биде заложник.

„Најкриминалната влада на Балканот, а истовремено и најнеспособната да обезбеди имунизација на населението нѐ убедува дека нема одложување на пописот, обезбедени биле најбезбедни протоколи. А во меѓувреме, соседна Србија која е рекордер во имунизирано население на Балканот, соседна Бугарија, Романија, Косово го одложуваат пописот поради загриженост од енормно ширење на пандемијата, истака  Мицковски.

Премиерот Зоран Заев ги смести попишувачите во приориетните групи на оние кои ќе се вакцинираат.

„Покрај здравствените работници, повозрасните и хронично болните, треба да се вакцинираат и попишувачите, а секако во приоретните групи се и полициските службеници, војската. Ќе го следиме тој процес“, изјави Заев.

ЦРНА ПРОПАГАНДА ПРОТИВ ПОПИСОТ

Во недостакок од идеи на малите лажно-левичарски и ултрадесничарски партии кои на граѓаните немаат што да им понудат, освен омраза, поделби, лаги и дезинформации, продолжуваат со кампањата против ЦИВИЛ со ширење на лажни вести и омраза. Интернет портали, Фејсбук станици, лидери и членови на политички партии познати по ширењето дезинформации и говор на омразата, се впуштија во уште една дива мини-кампања во која лажат и поттикнуваат омраза против ЦИВИЛ и Џабир Дерала. Тие се обидуваат да ја излажат јавноста дека претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, е корона позитивен, а воедно излегува на терен, што е чиста измислица. Очигледно „бојкотирачите“ на пописот немаат идеја и план како да ги уплашат граѓаните да не учествуваат на пописот, па поради тоа малите партии ширејќи лаги и дезинформации за ЦИВИЛ и Џабир Дерала, на некој начин се обидуваат да пораснат и да стигнат до што поголем број на публика. Но, нивните лаги брзо испаруваат.

На фејсбук групата „Не отварам врата“, пишува: „Провладиниот невладин исп**** од Цивил Џабе Се Дерала скоро 2 месеци си прави карвани низ цела Македонија собира народ и шири Корона по луѓе за да ги убедува дека попис во сред трет бран пандемија е многу добра работа“.

Оваа објава, освен што е лажна вест, содржи навреди и говор на омраза. Меѓу ширачите на оваа лажна вест е и лидерот на „Трета политика“, Љупчо Палевски, движењето „Бојкотирам“, како и членови, симпатизери на Левица, меѓу кои и Јована Мојсоска, портпаролка на партијата.

Како дел од кампањата „Не отворам врата“ отворена е и Фејсбук страница со истото име, наменета за повик на бојкотот на пописот. Тоа е место и за споделување на вулгарни и клеветнички коментари и пораки, место за ширење лажни вести, дезинформации, теории на заговорот и експлицитен говор на омразата.

Таков пример е и манипулативната објава за граѓанското здружение НВО Инфоцентар, но се поврзува и со медиумската платформа на ЦИВИЛ. Објавата на „Не отворам врата“ гласи:

„CIVIL media, USAID и други NGO организации започнаа кампања за учество во “пописот” кампањата има два центри со две мотивациони крилатици #ПописКонечно и #ТиОдлучуваш, а всушност калето одлучува!

Погледнете само како префриганите од калето елегантно си се оградуваат од одговорност за заболените и умрените кои ќе ги предизвикаат ненормалниве кои насила туркаат попис во сред пик на пандемија“.

Овој пост го споделува партиската функционерка и портпаролка Јована Мојсовска од Левица, со коментарот: „Штом Цивил се умешал – веднаш знаеш дека е на штета на државата“.

Политичката партија Левица, како да се среде изборна кампања, покрај кампањата на социјалните мрежи, веќе започнаа и теренска кампања. Меѓутоа, овојпат, наместо изборна програма, Левица делат флаери за бојкот на пописот, односно ги повикуваат граѓан(к)ите да не отвoраат врата.

Флаерите ги поставуваат на шофершајбните од автомобилите по паркинзи. Прашањето е – дали лепачите на флаери ги дезинфицираа(т) рацете пред да ги постават флаерите во некој автомобил. Каква гаранција даваат од партијата Левица дека не може да се фати корона вирус преку тие флаери што ги делат, доколку можеби токму тој што ги дели и без да знае е корона позитивен/а? Или тие што делат/лепат флаери претходно извадија ПЦР тест, па слободно граѓанките може да ги фаќаат со раце флаерите да прочитаат што пишува, па, и да ги фрлат во канта, нели?

За оваа кампања на Левица побаравме одговор од Основното јавно обвинителство, но до овој момент немаме никаков одговор.

Исто така бојкотирачите не бираат средства како да го спречат пописот, па на социјалната мрежа Твитер се шири закана дека попишувачите кои ќе одат по куќите да го спроведат пописот, наместо од домаќините, ќе бидат пречекани од нивните агресивни кучиња.

„Кога ќе ве пречека шарпланинецот караман у двор ќе влезете утре сабајле кај мене. Бојкотирам попис“, гласи објавата на твитер профилот Наташа од Македон.

Истата закана ја сподели портпаролката на Левица, Јована Мојсоска, која инаку пред да стане политички активна, во јавноста била позната како активист за заштита на кучињата (животните).

ПОВИКОТ ЗА БОЈКОТ НА ПОПИСОТ Е КРИВИЧНО ДЕЛО

Портпаролите на Владата, Душко Арсовски изјави дека повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело според член 387 на Кривичниот законик“.

Член 387 од Кривичниот Законик Организирање на отпор гласи:

(1) Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.

„Пописот во услови на пандемија е целосно безбеден и граѓаните треба да бидат спокојни. Здравствениот протокол за пописот 2021 е изготвен до најситен детал за да се заштити здравјето и на попишувачите и на попишаните. Пописот е граѓанска обврска утврдена со закон. Учеството во пописот е задолжително и претставува одговорност на секој граѓанин кон државата“, изјави Арсовски.

Она што е јасно според Законот за попис, санкции ќе има и за попишуваните и за попишувачите доколку ги прекршат правилата, ќе следат и парични казни но, и казни со затвор.

„Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска против вредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице, ако како учесник во Пописот неовластено издаде податоци од Пописот на трето лице или во својство на државен инструктор, реонски инструктор и попишувач, односно член на Комисијата за пописен реон, нема да постапи во согласност со упатствата и инструментите за спроведување на Пописот и овој закон“, се наведува во Законот.

„Тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години.

Ако делото го стори учесник во Пописот или друго службено лице при спроведувањето на Пописот, ќе се казни со казна затвор од најмалку пет години.

Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци“, се наведува во Законот.

ПОПИШАНИ БЕЗДОМНИЦИТЕ ВО ДРЖАВАТА 

Попишани се 350 бездомни лица во сместувачките центри и со тоа заврши пописот на оваа категорија граѓани. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека пописот ги потврдил нивните неофицијални информации.

„Пописот на бездомните лица е целосно завршен. Попишани се сите кои што се сместени во објектите, за кои што МТСП создаде услови заедно со Државниот завод за статистика. Првичната бројка е околу 350 лица, она што беше и таргетот и од нашите сознанија, почнувајќи од Визбегово, Чичино село, значи е завршен тој процес на попис”, вели Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

Според министерката за труд, пописот е особено важен заради креирање на соодветни политики од областа на социјалната заштита на граѓаните. Реалните податоци, вели, се основа за решавање на проблемите за кои е надлежно ова министерство.

МИНИСТЕРОТ МАРИЧИЌ ВО БРИСЕЛ РАЗГОВАРАШЕ ЗА ПОПИСОТ СО ПРЕТСТАВНИЦИ НА ДИЈАСПОРАТА

Министерот за правда Бојан Маричиќ во Брисел имаше средба со претставници на дијаспората, а се разговараше за претстојниот попис. Министерот ги повика сите масовно да се попишат, бидејќи ова претставува можност успешно да се заврши статистичката операција која има непроценливо големо значење за развојот на државата.

На нашите иселеници тука во Белгија им посочив зошто е важно дијаспората масовно да се попише. Треба да имаме реална слика. Конечно има можност граѓаните да направат нешто директно за себе. Резултатите од пописот ќе бидат водилка при креирањето на сите развојни политики. Пописот ќе се одржи, а методологијата и начинот на спроведување на истиот е според највисоките светски стандарди и ЕВРОСТАТ, потенцираше Маричиќ.

За една недела ќе започне официјалниот дел од пописот. До тогаш треба да заврши попишувањето на одделните категории население, во кои покрај бездомните лица спаѓаат и затворениците, припадниците на Армијата кои се во мировни мисии и дипломатско-конзуларните претставници на земјава и нивните семејства.

Дехран Муратов