-Несомнено е дека различностите се огромен предизвики богатство, токму во уметноста и во културата, поради тоа што се збогатува изборот, се збогатуваат можностите на уметникот да биде поширок, да биде посеопфатен, да биде побогат. Во историјата имаме многу такви примери, во музиката, во литературата, во сликарството, познати се патувањата на Пол Гоген, којшто го напуштил семејството само за да запознае различен свет, и неговиот опус е познат по неговите дела од Тахити… Познати се големите патувања на француските писатели, Албер Ками, којшто добар дел од својот живот го поминал во Алжир, Мароко… Што значи дека потребата да се запознае различноста, нови светови, нови размислувања, нови обичаи, нови луѓе, е огромна потреба кај уметникот, вели актерот Перо Арсовски на панелот на ЦИВИЛ „Општествената одговорност на уметниците во промовирањето на европските вредности и почитувањето на различностите“.
Позната е една цела ера во француската култура, којашто е обележана со увоз на различни култури од различни континенти, различни светови, така што, со тоа французите се гордеат бидејќи ја збогатиле својата култура и својата уметност.
Што се однесува до должноста на уметникот да биде активен во сите општествени случувања, тука немам никаква дилема, бидејќи нашата должност како јавни личности, како луѓе кон кои е вперено вниманието на јавноста, сме одговорни за се што ќе направиме, се што ќе кажеме, се што ќе советуваме, и мора да бидеме мудри, и внимателни, какви последици тоа може да предизвика не само кај младите, туку и кај возрасните. Има и негативни примери, тоа се луѓе кои се водени од некакви други, темни мотиви, коишто никако не можам да ги објаснам, и мислам дека треба да се земат како лош пример, во историјата. Но, повеќето од уметниците се залагаат за откривање на различностите, како што е нашата тема, за збогатување на културата и уметноста, и за правдата и вистинските решенија и однесувања во општеството. Познати се ставовите на еден Емил Зола, кој поминал една година во затвор заради својот став за аферата Драјфус, но не попуштил, и ден денес, треба да се зема како пример за тоа како еден уметник треба да биде одговорен пред општеството.
Сметам дека во денешно време, единствениот наш пат не е да се двоиме, и да останеме секој во својата различност безбедни, туку безбедноста да ја бараме во откривањето на различностите, во почитувањето на разликите во ова општество во кое живееме, запознавајќи ги тие разлики, ќе создадеме еден заеднички свет, кој ќе го засакаме. Сигурно дека ќе го засакаме, затоа што тие богатства коишто се тука околу нас, не смееме да ги оставиме неоткриени и незапознаени.
Вие спомнавте едно мое искуство и јас се сеќавам на едно такво време кога навистина бевме среќни со тие различности, ние ги баравме, ги откривавме, прашувавме, уживавме ако влеземе во едно, како што ме потсети Кристина, во едно различно општество, од други националности , па ќе чуеме друг јазик, па ќе видиме други обичаи, па ќе чуеме други песни, друга музика, други приказни. Така што живеевме заедно и среќни, откривајќи ги тие различности.
Се разбира дека ние повеќе стремиме кон европските вредности, отколку што тоа го прави политиката, јас се согласувам со колегата дека политиката е нешто што не се радува баш на овие различности и на улогата на уметноста во денешното општество, токму поради тоа што со самата своја природа, политиката сака да има што повеќе поврзаности кон својата политика, но уметноста и е дежурен кртизер. Како што кажа Дерала, уметноста е водачот. Уметницит се тие коишто народот ги следи и ги слуша, тоа се тие мудрости кои и покрај настојувањето на политиката сите да ги вкалапи и да ги придобие на своја страна, се по потценети, и вистинските луѓе кои оставаат печат на ерата. Така што, се согласувам со Агим дека е тоа богатство, различностите се богатство, различните мислења се пожелни, за да може да се дојде до еден заеднички живот којшто е различен и богат. Јас би ставил знак на еднаквост меѓу различноста и богатството. Не е тоа куп економски богатства, на пари…Различностите сами по себе се богатство, и го збогатуваат животот, затоа што ни сме живи суштества, парите може да дојдат и да се потрошат, но колку е богат нашиот живот, се мери според тоа колку сме доживеале, колку сме пропатувале, колку луѓ сме запознале, колку различни светови сме откриле, колку книги сме прочитале, колку сме среќни со тоа наше богатство од различности.
Дијана Тахири
камера: Атанас Петровски
реализација и монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Горан Наумовски