Апасиев со „кратки нозе“ за членство на Уранија Пировска во управни одбори

Во својот статус на Фејсбук од 1 декември 2021, пратеникот и лидер на „Левица“, Димитар Апасиев изнесува тврдење, според кое може да се разбере дека извршната директорка на Хелсиншки комитет, Уранија Пировска, членува во повеќе управни одбори.

 

„Сакам да имам лампиони на елкава, колку шо Уранија Пировска од Хелсиншки е членка по управни одбори у време на СДС. #АхЖивотеЛуталице“, напиша Апасиев на Фејсбук.

Иако статусот на Апасиев не содржи конкретна бројка на лампиони, сугерира дека „Уранија Пировска од Хелсиншки“ е членка по управни одбори.

Меѓутоа, извршната директорка на Хелсиншки комитет, Пировска во изјава за Фокус е децидна дека не членува во ниту еден Управен одбор. Пировска објаснува дека сега е претседателка на Комисијата за помилување и на Комисијата што ја доделува наградата за човекови права „Мето Јовановски“, што била формирана по иницијатива на Хелсиншки комитет.

Таа потсети дека Хелсиншки комитет секогаш има свој член во Комисијата за помилување, а тоа беше случај и кога претседател на државата беше Ѓорге Иванов.

„Тоа не е вработување, се состануваме еднаш во месецот. Хелсиншки е невладина организација, не е институција. Јас не сум функционер туку извршна директорка на Хелсиншки“, вели Пировска за Фокус.

Од ова што го видовме, произлегува дека наводите на пратеникот Апасиев дека Пировска од Хелсиншки комитет членува во Управни одбори, не се точни.

Што да речеме за оваа ситуација? По демантот на Пировска дека не е член на ниеден управен одбор, пратеникот Апасиев остана со „кратки нозе“, а ако остане на искажаната новогодишна желба, и неговата новогодишна елка би можела да остане –  без лампиони.

 

Автор и водител: Петрит Сарачини

Камера: Атанас Петровски

Монтажа: Ариан Мехмети

Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски