„Македонија како држава мора да спроведе попис, во спротивно тоа ќе влијае на угледот на државата. Во сите развиени земји пописот се одржува на секои 10 години. Кај нас последниот попис беше 2002 година. Зошто е значајно да се одржи пописот? Без попис не можеме да имаме успешни политики, која било влада нема да има успешни политики во економија, енергетика, инфраструктура, здравство, социјала… За руралниот и регионалниот развој и во земјоделието, нема да имаме развој доколу не знаеме со што располагаме“ , изјави Зоран Ангелов, координаторот на советничката група на СДСМ, на панелот на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“.
Ангелов истакна дека со успешно завршен попис ќе добиеме и реален Избирачки список. Исто така, истакна дека на пописот како статистичка операција не смее да му се даде политичка конотација.
„Пописот ќе ни даде колку луѓе реално живеат во нашата држава, колку се отселени, односно во странство. За жал, отселувањето на младите кадри од оваа држава е големо… Добро е што во графата за етничка припадност секој граѓанин ќе се попише според своето лично убедување… Во последниот извештај на Европската комисија беше истакнат фактот дека пописот на население во нашата држава не е направен 20 години и ја истакнаа потребата од попис на ниво на препорака. Се надевам на успешно спроведување на пописот со почитување на сите мерки што ќе ги предложи Комисијата за заразни болести“, истакна Ангелов.
Ангелов се надева дека ќе нема дополнителни опструкции со апел граѓаните да бидат отворени за попишување како во Гостивар ,така и во целата земја.
Б. Ј.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети