ААВМУ, МРТВ и Собранието во лавиринтот на неодговорноста, опструкциите и одолговлекувањето
ЏАБИР ДЕРАЛА
Институциите можат да функционираат законито и во интерес на граѓанките и граѓаните само кога законите се добри и се носат и спроведуваат навремено. За да бидат институциите ефективни и да обезбедат демократија и владеење на правото, неопходно е минимум нормално функционирање на парламентот. Во тоа спаѓаат и законските обврски на парламентот и комисиите при него, за избор и именувања на функционери во институциите.
Опструкциите, блокадите и несовесниот однос кон институциите и законската регулатива го подриваат владеењето на правото и ги онеспособуваат институциите.
Илустрација за нефункционирањето
Илустрација за нефункционирањето на парламентот во една исклучително важна сфера – медиумите – е случајот со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно со избор на членови на Советот и директор на оваа институција, како и членови на Програмскиот совет и директорот и заменик на директорот на Македонската радио телевизија.
Повеќе од две години трае одолговлекувањето, опструкциите и блокадите за овие важни прашања. Со тоа директно се кршат повеќе законски одредби.
Што велат законските одредби?
Според Член 43 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, членовите на Советот, директорот на АВМУ, членовите на Програмскиот совет, директорот МРТ и неговиот заменик, ја вршат функцијата до нивниот избор во парламентот.
Член 43
(1) Постојните членови на Советот и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членовите на Програмскиот совет и директорот и заменик на директорот на МРТ ја вршат функцијата до изборот на членови на Советот и директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членови на Програмскиот совет и директор и заменик на директор на МРТ.
Но тоа не може да трае до недоглед.
Според член 20, став 4 од истиот закон, ако мандатот на директорот е завршен, а постапката за избор на директор не е завршена, директорот продолжува да ја врши функцијата сѐ додека не се изврши избор на директор, но не подолго од шест месеци.
Член 20
(4) Ако мандатот на директорот е завршен, а постапката за избор на директор не е завршена, директорот продолжува да ја врши функцијата се додека не се изврши избор на директор, но не подолго од шест месеци.
Истечени се мандатите на функционерите во овие институции, АВМУ и МРТ, по искористувањето на можни и неможни административни и законски „дупки“ за задржување на функцијата.
За сѐ да биде согласно со законските одредби, за да се избере Директор на АВМУ, потребно е да се избере новиот состав на Советот на оваа институција. Еве што вели Законот за ААВМУ:
Член 43
(4) Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Програмскиот совет на МРТ од ставот (3) на овој член ќе донесат одлука за објавување на јавни конкурси за избор на директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, директор и заменик директор на МРТ во рок од 15 дена од денот на донесувањето на деловниците за работа. Изборот на директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, директор и заменик директор на МРТ ќе се изврши во согласност со одредбите од овој закон и со деловниците за работа на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Програмскиот совет на МРТ.
Да потсетиме, законите се гласаат во парламентот.
Почнато, незавршено
Според правните експерти, со измените и дополнувања на Законот за ААВМУ од 2018 година, не е избришан став 4 од член 20, така што тој важи и треба да се чита во корелација со член 43 од измените и дополнувањата на предметниот Закон, објавен во „Службен весник на РМ” бр.248/18.
Познато е дека дел од процедурата е завршен. Отворен е повик за кандидирање на членови на Советот на АВМУ, кандидатурите се поднесени во парламентот, до Комисијата за избори и именувања. Но веќе подолго време е отворено – и неодговорено – прашањето:
Кога Комисијата за избори и именувања ќе ги повика кандидатите на интервју и ќе ја заврши својата обврска според Законот?
Зошто процедурите се започнати, а не се завршуваат? Зошто парламентот молчи? Овие и многу други прашања се поврзани со големата тема македонски медиуми и институциите поврзани со нив, за кои малку се знае, а уште помалку се прави. Веќе одамна се видливи последиците од игрите, опструкциите и непотребните одолговлекувања во оваа сфера. Сагата продолжува.