Со Националниот координатор за интеркултурулизам и едно општество во Владата на Република Северна Македонија, Роберт Алаѓозовски, кој е и познат и интелектуалец и креативец и надвор од нашите граници, разговараме на повеќе прашања поврзани со областа која тој ја покрива во Владата и за резултатите од спроведувањето на Стратегијата „Едно општество за сите“. Разговорот е снимен на 13 октомври 2021 година.
ЦИВИЛ МЕДИА: Во секторот Едно општество или во Стратегијата „Едно општество за сите“ имаме и многу успеси, меѓутоа и многу предизвици. Во стратегијата знаеме дека влијаеја и надворешни фактори, како што беше и пандемијата, разни политички турбуленции, изборни процеси кои знаат да ги успорат сите процеси воопшто во една земја. Вие, и на минатото интервју, бевте оптимист дека работите сепак се развиваат. Деновиве се навршува уште една фаза од спроведување на Стратегијата. До каде е стратегијата?
АЛАЃОЗОВСКИ: Благодарам Џабир за поканата. Секогаш е задоволство да се биде гостин во вашата програма, затоа што меѓу другото ова што вие го правите е многу битно и за демократијата во земјата, но и повторно затоа што и вие учествувате во инсистирањето на градењето на вредностите.
Во таа смисла, и покрај тоа што годината е сé уште пандемиска и имаме разни ограничувања, стратегијата се реализира. Денес треба да се заврши до последен сегмент и шестмесечниот извештај за она што е сработено во периодот јануари – јуни оваа година. И, вестите се добри.
Само мал дел од активностите, на пример, не се започнати, затоа што тоа се специфични области кои што подлежат на годишно планирање. Така што, ако годината била лоша, односно, не можело да се предвиди, да речеме, репрограмирање, тогаш тоа мора да се одложи за наредните квартали, или наредната година.
Но, многу од активностите се започнати и, во многу од областите, веќе, не само да кажеме активностите се спроведени еднаш, па вие ги штиклирате како изработени, имаат „зелена штикла“, сработено, туку инсистираме сега тие активности да станат континуирани, бидејќи тоа е смислата на Стратегијата, да работите ги освоиме како резултат, меѓутоа, кога континуирано ќе заживеат, тие стануваат спроведливи.
Премиерот Заев знае да каже во јавните изјави дека Стратегијата „Едно општество“ е во напредната фаза на реализација и тоа ние можеме да го потврдиме со бројки. Веднаш штом ќе се официјализира, ќе се усвои во наредниот период овој извештај, тој, се разбира, ќе биде достапен и до јавноста. Планираме некаде до крајот на оваа година да направиме и една јавна дебата, јавна презентација на сработеното во оваа година и пол и, да го добиеме и инпутот од јавноста и рефлексиите на јавноста.
Јас сум задоволен од нивото на имплементација. Нашата работа во овие година и пол беше да се концетрираме на две работи. Едно е – да работиме со институциите, значи, свеста за вредностите кои Стратегијата ги промовира, а тоа е, нели, недискриминацијата, превенцијата од говор на омраза и стереотипизација, воведување на интеркултурен диалог, стандарди, почитување на правата на сите заедници, правата на различност, правата на посебност, правата на сите различни нели групи во општеството, никој да не остане заборавен, никој да не биде изоставен, значи, да биде вклучен, пред сé во самите институции.
Тоа значи дека, на пример, во Министерството за образование и наука, паралелно со новата концепција, тие новата концепција ја усогласија во делот на Стратегијата „Едно општество“. Ги донесоа сите правилници, упатства, стандарди за интеркултурализам, за мултикутурализам, организираат редовни активности поддржани и од меѓународни фондации, но и во соработка со домашни институции и граѓански организации во организирање на настава, вон-наставни активности со заеднички содржини, во мешани класови, изучуваат специјалситички или општи предмети на разни јазици.
А и она што го ветивме, дека јазикот на „другиот“ ќе се изучува, значи, веќе е подготвен теренот, така да се рече. Институционално сме подготвени таа активност да се спроведува. Тоа значи дека во оние општини каде што има друг јазик освен немајчиниот, освен македонскиот, ќе може да го изучуваат како дополнителен предмет учениците од четврто до деветто образование, и, да речеме, албанскиот кај другите, и македонскиот, и останатите јазици. Значи, пет наставни јазици се дозволени да влезат во таа категорија на дополнителни предмети.
Така што, во повеќе области имаме доста резултати, а најбитно е тоа што реков, да поддржуваме активности и проекти на трети корисници, на граѓански организаии и ги насочуваме институциите да одвојуваат на нивните повици и проекти за тоа.
Во таа смисла, и Агенцијата за остварување на правата на помалите заедници распиша повик и 15 организации добија субвенции, односно грантови, а во онаа мерка „поддршка на музичката индустрија“, во пет од осумте критериуми, беше спомената културата, идентитетот на мнозинскиот народ, на заедниците, различностите, промовирањето на интеркултурниот диалог и нашата сумарна анализа покажува дека, од 35 грантирани проекти, најмалку во 15 експлицитно се спомнува вредноста на интеркултуризмот и на различноста на заедниците. Така што, на тој начин ја подигаме свеста.
ЦИВИЛ МЕДИА: Тоа што е многу важно е да се разбере, еве, и во јавноста, да се истакне потребата од вмрежување на сите институционални нивоа. Но, ние живееме во прилично поларизирано општество, по многу основи. Се поставува постојано прашањето, дали некогаш ќе постигнеме неполитички или, некаков друг, општествен консензус меѓу сите граѓанки и граѓани, дека мултикултурализмот е патот, односно природата на нештата, како треба да се одвиваат во иднина? Гледаме показатели, некои политички структури се обидуваат да воспостават некаков мост и да го преминат тој мост, иако порано меѓу нив зјаела бездна. Дали сте оптимист во поглед на тоа? Дали таа поларизираност полека ќе почне да исчезнува, барем во големата тема наречена мултикултура или мултикултурализам, интеркултурализам?
АЛАЃОЗОВСКИ: Па добро…горе – долу, борбата е тешка во цел свет, дури не би рекол и цела Европа. Од една страна го имаме етно – националистичкиот , екстремно – десниот, популистичкиот блок, кој што е анти – мигрантски, нагласува сувереност, нагласува ексклузивни права на мнозинството, инсистира на монокултура итн. Сите други ги смета за девијација од канонот на мнозинството, а тоа не е така, сите граѓани имаат свои права, нели.
И, од друга страна, е оваа друга агенда. Сега, во таа смисла, морам да кажам дека сум горд што оваа Влада од 2017 има активна политика, има активна Стратегија со Акциски план и има формирано најмалку две сложени владини тела, коишто се занимаваат со имплементацијата. Тоа е битно, да цело време активностите се спроведуваат во реалниот живот и тековно за да можат тие да дадат некои резултати.
Е, сега, видете, некои структурни ситуации самите создаваат поинаква слика, за разлика од пред десет години, кога Артим Шаќири даваше голови, а на стадионот викаа „клетите ‘Шиптари’“, нели. Вака или така, сега имаме обратна ситуација. Сега имаме еден мешан тим, не ги броиме дали се пет или шест или седум, меѓутоа луѓето, тимот, интеркултурно, мултикултурно, цела Македонија таму дава голови, на задоволството на сите, и, мислам дека сега никој не би се осмелил да го навредува спротивниот или да делува националистички на самите трибини, кога гледа дека сите, без разлика на својата различност, се залагаат за иста цел.
Еве, сега сака тоа да го прави во правилникот Образование (МОН н.з), значи компетициите меѓу школите се дозволени само ако двата тима се мешани. Да не се случи дека, не знам, „албанската“ смена ќе се натпреварува со „македонската“.
Тоа се тие вредности на кои што треба да инсистираме и нас ни е драго дека се случува. Ова интервју го правиме во паузата на онлајн Регионалниот форум за национални малцинства на Обединетите Нации. Специјалниот известувач за национални малцинства го прави извештајот, треба да биде готов некаде во март. И, да ви кажам дека личното задоволство е големо, затоа што пак Македонија има активни политики и има високи стандарди. Кога ќе слушнете како зборуваат Азербејџанците, како зборуваат Ерменците, како зборуваат Каталонците и другите претставници на националните малцинства, колку се огорчени на нивните влади на нивните структури на моќ…
Ние сега сме во друга фаза, ние сме во фаза на, би рекол јас, 2.0 стратегија, односно, ние веќе гледаме како да го подобриме функционирањето на системот, како да ги унапредиме правата, како она што е зацртано да не биде злоупотребувано или да стигне до крајните корисници на кои што тоа им е наменето.
Така што, сега, повторно компаративно, ние не сме лошо. Но, не смееме ни за момент да го намалиме вниманието, затоа што другиот камп може да наметне друго. Во таа смисла, мене ми е дури и мило што кај политичкиот конкурент од опозицијата се јави една горе-долу парафраза на слична идеја, па сега и тие веќе се залагаат за ‘Македонија е на сите луѓе’ или како и да ја наречат. Битно е нашиот мултикултурализам и интеркултурен дијалог да се негува од сите, онака како што тоа не е прашање во македонскиот фудбалски тим.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали овие активности до крајот на периодот зацртан во стратегијата може да бидат предмет, мета на црни кампањи кои би можеле да го разнишаат резултатот? Бидејќи е многу тешко да се стигне до едно место кога зборуваме за негување на мултикултурата, а многу е лесно, со еден мал инцидент, мало недоразбирање да се урнат многу мостови, кои претходно грижливо биле градени. Имаме ли простор да се надеваме дека ова општество може да ги искористи своите капацитети да биде отпорно на црната кампања, на пропагандата која се обидува да внесе раздор и поларизација, бидејќи само на тој начин може да се дојде до целта која што другите ја негуваат? Имаме ли системи кои го заштитуваат тоа?
АЛАЃОЗОВСКИ: Па, да. Повторно тој процес, низ кој што сега проаѓаме и низ кој што повеќе општествени чинители се залагаат. Меѓутоа, начините според мене се два, односно тој фронт се бие на два начини. Едниот е моделот на јавната дебата која што мора да постои, која што преку проекти на многу чинители ќе го држи значењето и вредноста и важноста на мултикултурализмот и интеркултурниот дијалог во општеството. Тоа е едно.
И, друго е – институциите да дејствуваат, а тоа е, доколку се прават кривични дела од омраза или од говор на омраза, тоа сето треба да се санкционира. Во таа смисла, институциите треба прво да направат соодветни административни процедури и реформи, тоа да се озакони, да се стави во акти, да се знае што е тоа, а секако потоа и да се поттикнува праксата на судење, така што, и во таа смисла ни е и во стратегијата.
Меѓутоа, очекуваме и други стратегии и други акциски планови на одредени институции тоа да го прават, и, верувајте, сме под строг мониторинг, перманентен на Европската Унија, односно агендата за охрабрување, односно обесхрабрување на дела од омраза и од стереотипи и од предрасуди, е дел од процесите на претпристапните преговори и сите институции мора за тоа редовно да информираат, каков е напредокот кој што се прави на тоа поле.
ЦИВИЛ МЕДИА: За крај само кратко, дали мислите дека во нашето општество има медиуми или новинарска фела, се разбира и граѓански организации, кои без оглед на тоа дали се во нивниот мандат поврзани со оваа тема, можеби им треба некаков импулс или поддршка од било кој вид за да може, прво, да ја разберат оваа тема, а се разбира и да ја промовираат на соодветен начин, како и да се борат против нападите против мултикултурализмот?
АЛАЃОЗОВСКИ: Па добро, подигањето на стандардите, обуките, медиумската писменост, меѓу другото и од областа на интер- и мултикултурализмот се битни, и тие се зацртани во нашиот акциски план. Така што, ние очекуваме дека во наредната година и пол, колку што останува во рамките на овој дел од активностите, во медиумската сфера да се интензивираат тие активности.
Засега, ајде да речеме, тој дел поспоро се развива, затоа што дел од тие активности се поврзани со националниот сервис и со соодветните измени, а тоа е закочено заради закоченоста на Собранието. И, знаете, некако работите што се надвор од ингеренциите на Владата можат да одат со различна динамика, но, како да кажам, мене ми е сепак драго, затоа што, сепак, најбитно е да властите од останат разделени.
Така што, ако имаме некој привремен проблем во законодавниот дом, ние можеме сите во рамките на нашите јавни мандати да повикуваме тие процеси да се откочат, но тоа останува нивна одговорност и битно е, трите власти, четирите власти да останат разделени.
Разговорот го водеше: Џабир Дерала
Текстот го уреди: Петрит Сарачини
Обработка на текст: Наташа Цветковска, Вјоса Ајдини
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографиите се од тимот на ЦИВИЛ, од претходни средби и интервјуа со Алаѓозовски.