Академик Катица Ќулавкова, членка на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на својот Твитер профил објави твит со текст „Цената на соживотот ја плаќаме со животот“, односно вината за ширењето на болеста Ковид-19 ја посочува кон етничките заедници кои не се етнички Македонци и христијани.
Твитот на Ќулавкова предизвика огорченост на социјалните мрежи со кој изнесува ставови кои беа оценети како националистички и шовинистички, за веднаш по неколку часа таа го избриша твитот.
„Треба да си злобен до срж за да шириш ксенофобија во време на криза, во време кога е најбитно националното единство!“, напиша активистот Јасмин Реџепи на Фејсбук.
„Намерно ова го споделувам денес, а не вчера! Да не заборавиме шо седи во МАНУ! Да се потсетуваме на штетноста од глупите изјави, а деновиве ги има машала“, пишува актерката Симона Спирорвска на Фејсбук.
„Како припадници на дивото племе очекувам Ќулавкова кога ќе не види на улица да ни вика ,,Мрш од тука короништа едни”, пишува Замир Мехмети, на својот Фејсбук профил кој побара оставка од Ќулавкова.
Во изминатиот период говорот на омраза се повеќе расте, а засега нема некоја посебна реакција од институциите, освен пријавата за скопјанецот кој преку Фејсбук ги навредувал Ромите и муслиманите.
Д.М.