Со измените во Изборниот законик се предвидува Државната изборна комисија да менаџира со дел од средствата за политичко рекламирање, поточно со оние средства наменети за рекламирање во интернет медиумите. Оваа новина во законската регулатива не е без недостатоци, особено ако се земе предвид дека не се поставени лимити според кои ДИК треба да се раководи во исплатата на рекламите, а не се воспоставени ни критериуми според кои ќе се оценува колку и на кој начин се завршени обврските кон и од огласувачите.
За оваа и низа други теми поврзани со претстојните претседателски избори разговараа тимот на ЦИВИЛ – Центар за слобода и Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.
„Изгледа како партиите да се договориле меѓусебно за одредена постапка и начин на политичко рекламирање, но притоа не се консултирале со оние што треба тоа и да го спроведат, во случајов, Државната изборна комисија“ – изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Тимот на ЦИВИЛ ги сподели плановите за начинот на изборно набљудување со првиот човек на ДИК и изрази надеж дека во текот на изборниот процес ќе преовладува духот на соработката и меѓусебната поддршка, но и дека конструктивната критика е добредојдена, со цел да се придонесе кон слободни, фер и демократски избори.
„ЦИВИЛ ја поздравува намерата на ДИК да внесе измени и во делот што ги опфаќа и обуката на изборната администрација, особено на избирачките одбори. Посебно добра вест е тоа што ДИК ќе го употребува и знаковниот јазик во јавната комуникација, како и низа други подобрувања во сферата на почитување на гласачкото право на лицата со посебни потреби“ – изјави Дерала.
ДИК ќе спроведе и низа подобрувања во доменот на јавните набавки и транспарентноста на работата на оваа институција.
ЦИВИЛ, Тим за комуникација
фотографија: Биљана Јордановска