Изборна хроника: Преовладува црната кампања

Некомплетиран Избирачки список

На само една недела пред стартот на официјалната изборна кампања, Државната изборна комисија сѐе уште го разгледува Избирачкиот список. Се очекува точниот број на гласачи да се објави на 29 март, а според неофицијалните информации бројката ќе биде над 1,8 милиони гласачи.

Финансирање

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ финансиски ќе ги поддржат кампањите на своите кандидати за претседател на државата. Но сѐ уште не се знае колку пари ќе одвојат за оваа намена.

Кампањата на Блерим Река, ќе се финансира различно од онаа на останатите кандидати. Река, иако ја доби поддршката од Алијансата на Албанците и движењето Беса, сепак, нема да користи финансиска поддршка од овие партии, туку, како што изјави шефот на штабот на Река, Флорин Хасани, ќе се финансира од донации, приватни бизниси и роднини.

Сепак, политичките партии ќе ги финансираат само активностите на терен, бидејќи според новиот Изборен законик (член 76-д), медиумското рекламирање на кандидатите ќе биде платено од државниот буџет.

Според член 84 од Изборниот законик, учесниците во изборната кампања можат да потрошат најмногу 110 денари за секој запишан гласач во Избирачкиот список. Кампањата за претседателските избори официјално ќе започне на 1-ви април.

Претседателските кандидати, по 10 дена од почетокот на кампањата, се должни во ДИК да достават извештај за финансирањето на кампањата. Втор извештај ДИК бара и на крајот од кампањата, додека дополнителниот извештај се бара на крајот од кампањата по вториот круг, ако го има.

Преовладува црната кампања 

На сцена, како и за време на парламентарните избори во 2016 година повторно е црната кампања, од која не е поштеден ниту еден кандидат. Се пишува за децата на кандидатите, се вадат стари изјави на кои им се дава нов контекст, сѐ со цел дискредитирање на противникот.

ЦИВИЛ повеќе пати констатираше и ја алармираше јавноста за присуството на говор на омраза и црната кампања, како и предвремен почеток на предизборната кампања во овој изборен процес.

ЦИВИЛ го финализира изборот на апликации за набљудувачи на изборите

Комисијата за кадровски прашања на ЦИВИЛ денеска започна со финализирање на одлуките по апликациите за набљудувачи на претседателските избори. Интересот да се стане набљудувач на ЦИВИЛ е изненадувачки голем и повеќекратно го надмина бројот од 160 набљудувачи колку што организацијата може да акредитира во овој изборен процес.

Првичните резултати ќе бидат познати веќе во текот на денешниот ден, а одлуките за статусот на апликациите ќе бидат доставени до кандидат(к)ите најдоцна до среда, 27 март.

М. Ивановска