Приказната на граѓанскиот новинар Дамјан Темков, професор во ДМБУЦ Илија Николовски Луј, за неговиот ученик Виктор Тошевски која предизвика бура од реакции во јавноста, но започна да ги буди и институциите е првонаградената сторија од денешното доделување награди на ЦИВИЛ за најуспешните и највлијателните прилози на граѓански новинари.
„Интересно е како овие реакции кои се појавија по објавувањето на сторијата се одразуваат на правата кои ги има Виктор како ученик. Мојот мотив произлезе од еден момент кога Виктор не беше во можност да доаѓа на училиште, бидејќи немаше услови. Спротивно на оние кои земаат огромни средства за патни трошоци, а ја водат оваа држава, едно дете не може да оди на училиште“, изјави Темков.
Тој наместо да ја прими, првата награда им ја предаде на семејството Тошевски. „Оваа награда ви припаѓа вам“, рече Темков, со што предизвика громогласен аплауз од присутните во салата.
„Малку ми беше времето кога зборувавме пред камера, уште можев да зборувам и кажувам. Но сакам да има и вредност тоа што ќе го кажам... Да допре онаму каде што навистина треба. Ретки се ваквите слободни медиуми каде можеме да се обратиме. Навистина ми е чест што сум денеска тука, иако не знаев за што се работи и навистина сум му благодарна на професорот Темков“, изјави Лепа Тошевска, мајката на Виктор.
„Среќен сум што има реакција сето ова и благодарам многу!“, возбудено одговори Виктор.
ЦИВИЛ – Центар за слобода ги охрабрува и повикува сите заинтересирани граѓанки и граѓани да учествуваат на семинарите за граѓански новинари, да ги испраќаат своите приказни и да станат дел од силата која полека но сигурно ги менува состојбите во општеството.
Приказната на Виктор е само една илустрација за проблемите во општеството и начинот на којшто може да се поттикнат промените. Бидете активни учесници, затоа што заедно сме посилни!
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Фотографија: Биљана Јордановска
Монтажа: Ермин Климента