По објавата на граѓански новинар од Охрид, кој го открива начинот на кој ЈП „Охридски комуналец“ се справува со проблемот со бездомните кучиња во градот, ЦИВИЛ Медиа стапи во контакт со директорката на претпријатието, Елена Скрческа.
„Не знам што да ви кажам“, вели Скрческа, на прашањето дали навистина комуналното претпријатие со кое таа раководи ги дислоцира кучињата на депонијата во Буково.
Откако и раскажавме за снимките и фотографиите, како и за сведоштвата на луѓе кои затекнале бело комби возило, како ги истовара кучињата на депонијата, директорката ни одговори: „Јас немам комби! Нашето комби е во дефект!“. На прашањето како тогаш претпријатието ги извршува своите секојдневни должности, Скрческа кусо искоментира: „Се снаоѓаме!“.
Кога побаравме да ја демантира случката, нервозно ни одговори: „Слушајте! Вие да си се јавите во таа 'Анималија', тоа здружение, тие да си ги средат кучињата! Ние немаме ништо со нив!“
Климент Арнаудов, граѓанскиот новинар и активист од Охрид, кој го откри случајот, вели дека не е првпат директорката на претпријатието да ја префрла одговорноста. Тој посочува дека ваквиот нехуман третман кон животните од страна на „Охридски комуналец“ не само што испраќа лоша порака за градот, туку и претставува вистинска опасност, не само по животните, туку и за луѓето.
This post is also available in: English