Голем интерес за граѓанското новинарство во Битола

Настанот кој се одржа под мотото „Граѓаните набљудуваат, снимаат, објавуваат“, предизвика голем интерес кај граѓанките и граѓаните на Битола. Видеата и фотографиите кои беа презентирани на плоштадот "Магнолија", пред Магазата, го задржаа вниманието на стотиците битолчани, кои синоќа како и во изминатите месец дена протестират против аболицијата на претседателот Иванов, и бараат оставка од градоначалникот Талески, про тив кого СЈО води истрaга.

13235313_968949279890208_8866840331110006135_o

На јавниот настан, кој е дел од проектот "Граѓански објектив", се обрати Илија Балтовски, од граѓанското здружение "За нас се работи", кој зборуваше за медиумскиот мрак во државата и за ЦИВИЛ - Центар за слобода кој преку овој проект ги поттикнува граѓанските новинари да испраќаат видео и фото содржини, кои сведочат за прекршување на човековите права и слободи, затоа што на тој начин придонесуваат кон подобрување на медиумското известување во земјата

13227758_968951643223305_4388017208478113613_o

Џабир Дерала од ЦИВИЛ, ги претстави трудовите на граѓанските новинари, кои како што истакна тој "се содржини кои не можат да се видат на јавниот сервис, на режимските телевизии и веб портали кои се платени од наш џеб".

Покрај наградените трудови, битолчани имаа можност да проследат видео материјали подготвени од граѓанските новинари, снимени за време на протестите во Битола. Граѓанките и граѓаните на Битола, имаа можност да се информираат за проектот и за условите за учество во наредните месечните натпреварувачки циклуси. Со музика, проекции и разговори, ЦИВИЛ успешно го промовираше граѓанското новинарство и во овој град.

13227522_968947973223672_26529851703219536_o

„Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за долгорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе за развој на граѓанското новинарство во земјата. Општа цел на проектот е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на претстојните избори и да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси. Намената на проектот е да се идентификуваат и обелоденат случаите на кршење на гласачкото право низ интерактивна и динамична активност, која ќе ги вклучи активистите за човекови права, медиумите и општата публика, со создавање и прибирање фотографски, видео, аудио и пишан материјал, кој ќе послужи како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес.

Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.

Марија Теговска