Третиот циклус од натпреварот „Биди граѓански новинар“ е отворен уште две недели, за сите кои сакаат да го проверат својот талент за новинарство и да дадат придонес за јакнење на свеста на граѓанското општество. Сѐ што ви треба е паметен телефон и чувство за добра сторија.
И овој месец, ЦИВИЛ – Центар за слобода ги наградува граѓанските новинарки и новинари со вредносни ваучери за набавка на фото,видео, компјутерска и телефонска опрема. Највисоката месечна награда изнесува 110 долари.
Сите што имаат паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, можат да се пријават со своите видео, аудио и фото записи да учествуваат во проектот „Граѓански објектив“. Досега, во јануарскиот и февруарскиот и циклус, се доделени десет награди на граѓански новинари. Дел од наградените, низ своето лично искуство, ги повикаа и останатите граѓанки и граѓани да се вклучат во натпреварот. Порачаа да се победи стравот и да се остави Македонија како понормална држава за следните генерации.
Снимките, фотографиите и текстовите не мора да бидат високопрофесионални, бидејќи пресуден критериум е информацијата. Прилозите може да се однесуваат на различни видови злоупотреба на позицијата, закани, дискриминација, поткуп, злоупотреба на јавните ресурси и други нерегуларности. Задолжително е материјалите кои ќе ги испраќате да бидат придружени со контакт на авторот, опис на времето, местото, текот на настанот и учесниците во самиот настан. Авторите и лицата кои се вклучени во прилозите може да останат анонимни, во зависност од договорот со нив.
За пристап до ФОРМУЛАР ЗА УЧЕСТВО кликнете ТУКА. Прилозите може да се испраќаат и на [email protected], а доколку материјалот е преобемен, треба да се користат онлајн сервисите за трансфер, како WeTransfer.
Цел на „Граѓански објектив“ е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на престојните избори, да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси и да се идентификуваат случаите на кршење на гласачкото право. Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.