Македонска изборна салата, проклетство и благослов

ЏАБИР ДЕРАЛА

Пазарот, нека е и политички, функционира многу едноставно – секоја стока има свој купувач.

На крајот од првата недела од официјалната изборна кампања за локалните избори, ги видовме сите бои и обележја на македонскиот политички и изборен фолклор.

Еден по друг се редат ликовите на кампањата. Гледам еден, па друг, па трет, па нивниот лидер, па некој партиски функционер, па сè одново. После тоа, нова галерија… Уште еден изборен циклус, поточно циркус, какви што имаме речиси секоја година. А луѓето сакаат циркус, нели?

ЗАГРЕВАЊЕ ЗА ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ

Локални избори? Ма не, ова е само загревање за „големата изборна победа“ на предвремените парламентарни избори. Дури потоа, Македонија (целадае-чиста-безклетишиптари) ќе процвета, бидејќи проектите се тука, само треба власт (ситница).

Навистина, во ова време кога сè може да се провери, кој уште може да верува во политичари што не знаат каде (и кога) се наоѓаат? Таман да чита таблица множење од учебник по математика, не треба да му се верува. Но, тоа е…

ПРЕМНОГУ НАСМЕАНИ НАСПРОТИ ПРЕМНОГУ МРАЧНИ

Што имаме во кампањата?

На едната страна, би рекол, премногу оптимистичка насмевка, а од другата страна, веќе патолошки, мрак и јад. Со други зборови, екстра доза од, троа претерана, европска ведрина наспроти чкртање со забите и острење заби, нокти, ножеви и репетирање со стари кубури.

Среде предизборното торнадо, неизбежно се појавуваат и „мудреците“ кои се симнуваат од својот самопрогласен Олимп и солат памет кој никогаш самите го немале.

НЕЗАВИСНИТЕ МЕЃУ ЧЕКАНОТ И НАКОВАЛНАТА

И независните…

Навистина, тешки се условите во кои можат малите политички партии или независните кандидати да се претстават во јавноста. Недоволен медиумски простор и мали или никакви шанси за користење на рекламниот простор, се само дел од тешкотиите со кои се соочуваат оние што се одважиле да дејствуваат независно од големите партиски структури.

Се разбира, како и порано, така и сега, гледаме едно чудо злоупотреби на поимот за „независно“ политичко дејствување. Меѓу чеканот и наковалната – независните се соочуваат со неповолните услови во изборната трка, со сопственото неискуство и лажните независни. Нека им е со среќа.

НЕЗАВИСНИ И НЕЗАВИСНИ

Возбудени се „независните духови“. Вистинска демократска пролет наесен, би рекле „независните“ за себе, се разбира, со многу поздодевен избор на зборови. Во реалноста, малкумина се навистина независни, а и во вкупни бројки не се ни оддалеку толку многубројни. Во 2005 година имаше трипати повеќе независни (со и без наводници).

Така, гледаме кандидатки и кандидати кои се со дебел слој на разни партиски масти на главата (и во џебовите), како одеднаш решиле да станат независни. Или, „независни“ кандидат(к)и, онака „случајно“, поддржани од голема политичка партија. Или политички партии кои одеднаш се враќаат во граѓанското општество и дејствуваат како граѓански иницијативи или движења.

Кога ќе размисли човек, малку вистинска и изворна независност можеме да видиме во политичката понуда на локалните избори 2021.

НЕВОЗВРАТЕНА ЉУБОВ

Човек да се чуди, од каде толкава храброст отворено да се лаже и да се гледа во очите на луѓето и во објективите на камерите. Кронизам на листите, бизнис невешто скриен зад „зелени“ или „развојни“ политики, лични и фамилијарни интереси, суета…

Многу е лесно да се каже дека некој е разочаран, но тој збор премногу често се употребува погрешно во последниве неколку години.

Вистината е: не се разочарани, туку се гневни што не го добиле тоа што го барале – позиција, пари, моќ, услуги… Што би рекла една професорска ѕвезда – од „невозвратена љубов“.

ЅВЕЗДА

За мене, ѕвезда на првите денови на кампањата е урнебесно смешниот лик завиткан во пелерина, налик на аланфордовската подбивна верзија на Супермен (Суперхик). Единствено тој е извесно освежување, иако е здодевно човек да го слуша повеќе од 15 секунди. Наспроти познатата галерија од мрачните ликови кои никогаш не учествуваат, туку само кукаат од длабоката сенка на својот партиски бункер. Вистински паланечки циркус.

ВЕЌЕ ВИДЕНО

Накратко, една веќе видена македонска, па и балканска, предизборна салата, скиселена, патетична и презачинета, неубава ни за очи, ни за вкус. Локални избори, како парламентарни. Ветувања, ѓоа утре сите села и градови ќе станат Франкфурт на Мајна, само уште подобри, поздрави, побогати и почисти.

Да се владее среде најголемата несреќа што ја погодила Европа од Втората светска војна наваму е, веројатно, лудост. Но луѓето сакаат да бидат во политиката. Сакаат да ги плесне заслепувачкиот сноп на рефлекторите на јавноста. Владеењето е проклетство и благослов. Како за кого.

Но некој мора и да владее. Нека биде тоа што е можно подобриот, според слободниот избор на граѓан(к)ите.

 


Текстот е личен став. Дозволено е преземање, според лиценцата Creative Commons 4.0 (дозволено преземање, со линк до изворот)