Втори февруари, како датум кој се поврзува со хомосексуалците, е всушност хомофобичен и измислен датум. Интернационален ден на гордоста е на 27-ми јуни, сепак за многумина 02.02. отсекогаш важел за ден на хомосексуалците, но и повод за разни закачки, досетки, но пред се говор на омраза кон ЛГБТИ+ лицата.
Имено, 2 февруари како празник на хомосексуалците е познат само кај нас и во блиското соседство, додека 17 Мај се одбележува секоја година како Меѓународен ден на борба против хомофобијата и трансфобијата (МДБХТ).
Целта на Денот на борба против хомофобијата е да се координираат меѓународните настани на кои се повикува на почитување на правата на лезбејките и геј-лицата во целиот свет, а датумот е врзан со тоа што на 17 мај 1990 година хомосексуалноста е избришана од меѓународната класификација на болести на Светската здравствена организација (СЗО).
Денес на социјалните мрежи може да се прочитаат многу коментари со говор на омраза кон ЛГБТИ+ лицата, а дел од партиските ботови ја користат ситуацијата да упатат навредливи зборови кон политичките противници.
Како остана да се „слави овој празник“ на денешен ден никој не знае, но се „прославува“ со децении наназад…
ЦИВИЛ отсекогаш бил и ќе биде организација што стои во одбрана на правата на ЛГБТИ заедниците и континуирано бара подобрување на нивните права со конкретни политики и практики кои институциите се должни да ги преземат. ЦИВИЛ како организација секогаш ќе стои во одбрана на човековите права и слободи, а тоа подразбира и правото на сексуална ориентирација, правото на слободата на изразувањето и правото на праведен и слободен свет.
Наместо страв, омраза, дискриминација, ЦИВИЛ повикува на хуманост, солидарност и прифаќање дека сите поединици, независно од нивната родова, верска или етничка припадност, социјален статус, сексуална ориентација или друга припадност, идентитет или карактеристика.
Сите имаат право на достоинствен живот, а сите ние како дел од општеството имаме должност да бидеме солидарни и да ги штитиме човековите права и слободи на сите. Институциите се должни да негуваат култура на прифаќање и да се борат против стереотипите и предрасудите.
Д. М.