Струмица во ритамот на слободното известување

ИЗВЕСТУВАМ БЕЗ СТРАВ И БЕЗ ЦЕНЗУРА e мултимедијален настан посветен на граѓанското новинарство што ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе го одржи во центарот на Струмица на 3 септември со почеток во 20:00 часот. 

Програмата на овој настан вклучува видео проекции и презентации на најуспешните стории на граѓански новинари, музика и стихови на слободата. Како и секогаш, микрофонот ќе биде отворен за сите што ќе сакаат да споделат свој став или искуство со јавноста.

Презентациите ќе ги одржи Џабир Дерала, во соработка со тимот на ЦИВИЛ. Поканети се сите заинтересирани граѓанки и граѓани, претставници на граѓанското општество и медиумите.

Тимот на ЦИВИЛ ќе сподели информации за граѓанското новинарство како алатка за мониторинг на случаите на кршење на човековите права и гласачкото право. Видео проекцијата ќе вклучи прилози од акцијата „Барам одговор“, неколку наградени трудови на граѓанските новинарки и новинари, како и најуспешните резултати од кооперативното новинарство, поточно прилози на граѓанските новинар(к)и во соработка со тимот на ЦИВИЛ Медиа. Музичкиот избор ќе биде уникатен, како и сè друго во програмата.

Овој настан е дел од проектот „Граѓански објектив“ – проект за одговорни и транспарентни политички процеси, преку кој ЦИВИЛ даде свој придонес кон развојот на граѓанското новинарство во земјата. Проектот е поддржан од National Endowment for Democracy.