Граѓанската новинарка Симона Живкова вели дека доколку сакаме да се случат промени во општеството, потребно е да тргнеме од самите нас, односно ние да ги предизвикаме промените што сакаме да ни се случат. Па, во таа насока, граѓанското новинарство е моќна алатка која што дава можност да се поминат црвените линии на традиционалното новинарство и состојбите на теренот да и се пренесат на јавноста реално, вистински, во сурова форма, така какви што навистина постојат.
„Всушност граѓанското новинарство може да се каже дека е моќна алатка за влијание врз институциите и врз власта, но и за откривање на криминалите и злоупотребите во сите сегменти на општеството и на национално и на локално ниво. Секој од нас бил сведок на прекршување на нечие право, на злоупотреба на службена положба, на непостапување на институциите, на вистината наспроти лажните вести. Граѓанското новинарство ни овозможува да го документираме тоа сведочење и да и го пренесеме на јавноста, а со тоа да покажеме колку е важно и колку е моќно нашето учество во предизвикување на промените и во креирањето на политиките што нас не засегаат“, додава таа.
„Со ЦИВИЛ имам интересно и прекрасно искуство и како граѓанска новинарка и како соработничка, и како нивен поддржувач. Преку платформата на ЦИВИЛ со граѓаните сум споделувала тажни приказни за грубо кршење на основните права на граѓанките и граѓаните. Сум пренесувала информации од терен за кршење на законите за непостапување на институциите, документирање говор на омраза, демантирање на лажни вести и слично, и тоа во изворна форма, токму на начин на кој што сум сакала да го слушнат граѓанките и граѓаните во институциите. И се надевам дека заедно со ЦИВИЛ сме дале свој придонес преку зборување, алармирање дејствување, во подобрување на состојбите во општеството и во унапредување на човековите права“, истакна Живкова.
Текст и монтажа: Ариан Мехмети
Камера: Атанас Петровски
This post is also available in: Albanian