Само закони кои важат подеднакво, апсолутно за секого, може да обезбедат спречување на нееднаквоста, на самоволието на моќниците и на злоупотреба на позициите на власт
МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Зелената иднина на заедницата, на државата и на целата планета, сѐ повеќе се спомнува како едно од основните права на секој човек. Право на денешните, но уште повеќе на идните генерации. Право на човештвото во целина.
Како и секое право, и ова во себе ја содржи одговорноста. Одговорноста кон себе. Кон секој друг човек и кон заедницата во целина.
На ниво на држава, ова право подразбира: граѓанин кој знае, кој е информиран, кој разбира, кој е активен и кој соодветно се однесува.
Без граѓанинот кој е подготвен секојдневно и во секоја ситуација да делува на начин кој ја обезбедува заедничката зелена иднина, не може да стане збор за поставување на нејзините темели и нејзина изградба (како збир од вредности, посебен начин на однесување, свест за последиците од сопствените активности, односи кои ја имаат предвид различноста и социјални параметри кои не запоставуваат и занемаруваат ниту еден човек во процесот на развој и напредок).
Меѓутоа, индивидуалната свест и индивидуалното делување не се доволни.
Не може да стане збор за градење вредносен систем во кој сѐ тргнува од зелената перспектива – без учество на државата. Државата (разбрана како структура, апарат, збир од институции и норми) е клучниот играч во градењето зелена иднина и клучен спроведувач на зелените потреби и права на граѓаните под нивното будно око.
И тоа не било каква држава.
Само држава која исполнува одредени услови и која функционира на одреден начин може да биде промотор, градител и заштитник на зелената иднина.
Прво, тоа може да биде само држава во која е изградена развиена демократија
За развој и практикување на овој систем од вредности мора да има широко и суштинско учество на граѓаните на сите нивоа на одлучување, информирање на граѓаните и, пред сѐ, контрола на граѓаните над работењето на државата.
Тоа значи дека држава во која граѓаните не учествуваат во процесите на одлучување, во која тие не се соодветно и навремено информирани за активностите кои ги спроведува државата и кои не можат да остварат вистинска и ефективна контрола над работењето на државата, не може никако да биде држава која може да работи на зелената иднина.
Може да биде држава која тврди дека го прави тоа, која изработува пропаганден материјал со кој ги убедува граѓаните дека работи на зелената иднина и може да ги залажува граѓаните, меѓутоа никако не може да биде вистински ориентирана кон градењето на вредносниот систем кој ја овозможува зелената иднина.
Второ, тоа може да биде само држава во која владее правото
Владеењето на правото значи дека законите се донесуваат во таква процедура која обезбедува антиципирање на иднината, моделирање на иднината и предвидување на проблемите со кои може да се соочат граѓаните.
Само закони кои се доволно општи за да може да опфатат неопределен број случаи и да важат подолг период, без потреба од нивна промена, обезбедуваат правна сигурност која е потребна за подолготрајни акции неопходни во градењето на зелената иднина.
Само закони кои важат подеднакво, апсолутно за секого, може да обезбедат спречување на нееднаквоста, на самоволието на моќниците и на злоупотреба на позициите на власт.
Само изграден систем од контролни механизми кои се независни од владејачката структура може да обезбеди еднаква примена на законите и нивно почитување и од страна на оние кои ги носат или кои според статусот лесно можат да ги заобиколат.
*
Тоа значи дека држава во која законите се менуваат на дневна основа по потреба на тие кои се на власт, а не според потребите на заедницата, во која законите не се применуваат еднакво за сите и во која не постојат контролни механизми со кои се спречува самоволието на оние кои се на власт, не може да биде држава која ќе изгради зелена иднина.
Таквата ‘држава’ создава закони со кои го легализира делувањето кое е спротивно на зелените вредности и кои се во функција на успорување или потполно оневозможување на пробивот на зелената технологија во развојот на заедницата.