ЏАБИР ДЕРАЛА
Координаторот на пратеничката група на ДПМНЕ, Никола Мицевски, на Фејсбук го повика Скендер Реџепи – Зејд самиот да избере 19 пратеници од ДПМНЕ за нова иницијатива за гласање на недоверба на владата. Колку великодушно!
Патем речено, во објавата на Фејсбук, Мицевски не пропушта да ги искористи познатите пропагандни изрази против владата кои важат за времето кога на власт беше токму ДПМНЕ. Впрочем, не е на одмет да се нотира уште еднаш дека, посредно или непосредно, од под пазувите на ДПМНЕ изникна радикалната десничарска партија која сѐ уште се нарекува Левица.
Оваа ситуација е школски пример за политички манипулации. Да видиме за што се работи.
Што постигна ДПМНЕ со само една манипулативна ФБ објава?
Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи – Зејд, за кратко, предизвика восхит и поддршка од прогресивната јавност. Тој покажа пркос и интегритет со своите изјави дека нема да учествува во играта на Мицкоски и Апасиев. Сепак, со само една Фејсбук манипулативна објава, ДПМНЕ успеа да го разнишаа навидум непоколебливиот Зејд.
Зејд за „Слободен печат“ изјавил дека „начелно“ го прифаќа предизвикот на Никола Мицевски од ДПМНЕ за нова иницијатива за гласање доверба на Владата, во која нема да биде Левица.
Зејд изјавил и дека „со ова ќе паднат во вода сите информации дека тој бил ‘фатен’ од ДУИ и од СДСМ“. Според него, „новата иницијатива ќе докаже дека тој и Алтернатива во ниту еден момент не се колебале дали треба да се гласа за да ја урнат Владата.“
Мицкоски и Апасиев?
Дали Скендер Реџепи – Зејд и неговата партија ќе ја лапнат јадицата што им ја фрли ДПМНЕ и ќе дозволат да останат заплеткани во пајажината на Мицкоски и Апасиев? На ваква провидна игра може да наседнат само наивни.
Кому Зејд мисли дека треба да му се докажува дека не е „фатен“ од СДСМ и ДУИ? На Мицкоски и Апасиев? Затоа ли ќе се согласи да биде играчка во рацете на Мицкоски и Апасиев? Уште еднаш, во болд: Мицкоски и Апасиев? Може и извичник да се додаде, како во една легендарна изјава на Мицкоски од времето на „кафана и теретана“.
Суштината е во тоа што и без и со Апасиев, матрицата, мотивите, средствата и целите се исти. Да се дојде до власт и да се врати режимот кој ќе ја зароби државата и ќе ја турне во изолација, страв, сиромаштија, насилство и меѓународна изолација.
Со други зборови, Апасиев е можеби гласен и вулгарен, но е безначаен. ДПМНЕ и би сакале да го „откачат“, затоа што им е конкуренција. Во секој случај, за Зејд или за било која партија на Албанците, тој, Апасиев, не може да биде изговор да се влезе во оваа игра или не. Се работи за вредностите, а не за формалното (не)учество на Апасиев во уривањето на власта.
Губитнички опции
Има уште две опции зошто некој би останал во играта на националистите Мицкоски и Апасиев. Неугаслива жед за власт по(д) секоја цена или кусогледост. Без оглед на тоа дали се работи за наивност, жед за власт или кусогледост, ќе биде злоупотребен. Во ниту една од трите опции нема ништо добро за било која заедница или за државата. За Мицкоски и Апасиев, Албанците биле и ќе останат само обични инструменти. Како и сите останати, впрочем.
Едноставно, со Мицкоски и Апасиев, секоја опција е губитничка.
Текстот е личен став на Авторот. Creative Commons 4.0 (дозволено преземање, со линк до изворот).