Ване Цветанов од „Зелена Лупа“ во разговор за ЦИВИЛ Медиа, вели дека има сознанија дека функционери и симпатизери на ВМРО ДПМНЕ прават листи за линч на неистомислениците и критичарите, доколку по изборите дојдат на власт. Тој додава дека во оваа изборна кампања ќе изобилуваат два различни концепти, односно од владејачката партија ќе има јасна и прецизна програма за едно општество и концепт за ЕУ и НАТО, наспротив црната пропаганда, лажните вести, спинови, па дури и можност за насилство, од опозициската ВМРО ДПМНЕ и коалицијата.
„За жал, практиките кои се користеа за време на режимот, постои опасност да бидат повторени доколку му се даде шанса на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да биде премиер, во кое јас лично не верувам, бидејќи граѓаните се политички писмени и знаат за кого да го дадат својот глас. Тие сè уште имаат намери да казнуваат луѓе, да внесуваат луѓе во затвори само заради слободна мисла, заради тоа што некој го кажал своето мислење, а на нив не им одговарало на структурите на минатото, а и на сегашното ВМРО очигледно. Тие ги поимаат тие луѓе како свои непријатели, што е многу тажно и жално за демократските процеси во нашата држава.
Една ваша колешка – новинарка, ги видела листите и ме праша мене дали имам подетални информации околу тоа. Искрено, првпат слушнав за тие листи, но ја искористив приликата да го прашам директно лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дали е запознаен со изготвувањето на таканаречените црни листи на луѓе што се нивни неистомисленици и нивни критичари, и дали навистина се подготвува планови за одмазда и линч на тие луѓе, по примерот и начинот кои беа практикувани во времето на црните денови на режимот кога недолжни луѓе се носеа во притвори и лежеа по три години во притвори на завршена постапка без никакви основи, се со цел да им се одмаздат, односно тие луѓе да бидат казнети.
Според анализите на „Зелена лупа“ и на други граѓански организации, излезе дека и дел од доказите биле давани со цел да се уништат животи, односно диапазонот на казните биле од 1 до 10 години, а „Сваровски судиите“ од тевтерчето на Горде (Гордана Јанкулоска), изрекувале санкции коишто се многу тешки и кои не се соодветни на македонскиот правен систем.
Од тие причини јас сè уште не знам дали лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски е директно запознаен со ова, но знам дека одредени партиски војници, односно фунционери на централно и локално ново освен што планираат да си се вратат во фотељите, тоа е нивна математика, и да продолжат со масовното крадење и грабеж на државата, покритието го гледаат повторно преку линч на своите неистомисленици. Затоа ја користам оваа прилика јавно да го прашам уште еднаш лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски, дали лично е запознаен со листите коишто се подготвуваат, во кои што сум информиран дека сум и јас, но и стотина други грагански активиски, политичари итн., и дали тој знае дека одредени негови сопартијци подготвуваат такви листи за политичка одмазда, за политички линч преку користење на институциите, евентуално во иднина доколку дојдат на власт, преку злоупотреба на МВР, коишто посакуваат да се врати ВМРО – МВРО, и преку користење на судиите коишто се од тефтерчето на Горде и „сфаровски судиите“, прашува Цветанов.
Во однос на општествените и политичките случувања во земјава во овој предизборен период Цветанов како пример го опиша дуелот меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, во кој лидерот на владејачката партија имаше јасен, концизен, прецизен став за секое прашање, односно свртен кон концепт за ЕУ и НАТО, наспротив односот на лидерот на опозицијата кој беше циничен, потсмевачки и несериозен концепт.
„Заев прво даде отчет што беше сработено во изминатите 2.5 години додека бил премиер, и што ќе прави во иднина доколку повторно ја добие поддршката од граѓаните на парламентарните избори. За разлика од него, Мицкоски не понуди ништо, постојано бегаше од одговори, односно само напаѓаше без конкретен план и програма што би правел доколку дојде на власт“, вели Цветанов.
Тој истакна дека во овој момент е тренд ВМРО ДПМНЕ да ја копира програмата на СДСМ која е направена според потребите на граѓаните, бидејќи во изминатиот период имаа низа на јавни трибини „На прав пат“ каде што разговараа со граѓаните.
Цветанов нагласи дека агресивноста на функционерите и предложените кадри на ВМРО ДПМНЕ во техничката влада, направија повеќе штета отколку да ги подобрат условите за фер и демократски извори.
„ВМРО ДПМНЕ ќе стануваат се поагресивни и брутални, бидејќи немаат што да понудат, немаат програма. Тие немаат ниту јасен став за Преспанскиот договор. Фер е да им кажат на граѓаните што ќе направат со договорот доколку дојдат на власт, меѓутоа и тие се свесни дека тој договор не може да се поништи, ниту со 80, ни со 90 пратеници“, вели тој.
Цветанов истакна дека заменикот министер за земјоделие, Цветан Трипуновски од ВМРО ДПМНЕ, е класичен пример што ќе се случи доколку дојдат на власт, бидејќи тој во изминатиот период со неговото арогантно и насилничко однесување покажа дека така насилнички ќе продолжат од таму кај што застанал Никола Груевски.
Тој додаде дека досега ниту советниците, а ниту самиот Мицкоски, не кажале дали знаат како ќе ги продолжи преговорите за ЕУ, односно да ги имплементира европските закони. За разлика од ВМРО ДПМНЕ, актуелната власт предводена од СДСМ има капацитет да ги спроведе сите законски решенија, бидејќи дел од тие закони веќе се во постапка.
Протестот за правда на ВМРО ДПМНЕ, Цветанов го нарече дека е траги-комедија, односно перверзно и потценувачко, бидејќи џелатот и соучесникот на криминалот повикуваа на правда.
Цветанов вели дека опозициската партија во овие избори повторно ќе користат спинови и лажни вести како во 2016 година, кога ги лажеа граѓаните дека ќе мора да учат албански јазик, или дека ќе бидат избркани од работа сите административци кои не се членови на СДСМ. Тој додава дека ВМРО ДПМНЕ спинуваа дека ако дојде СДСМ на власт ќе бидат распуштени 500 судии, што воопшто не се случи.
„За прв пат судиите се оставени на мира сами да одлучуваат за одредени случаи. И самите судии велат дека не знаат како да постапат без политички инструкции за одредени предмети, бидејќи се навикнати од претходно да добиваат насоки, без разлика на која власт. Сега се оставени сами да одлучуваат спред нивната стучност, без политичко влијаније“, додава тој.
Цветанов вели дека овие избори ќе бидат поделени, од страна на СДСМ ќе има концепт за едно општество, бидејќи за првпат коалицираа и со албанска партија, наспртотив црната пропаганда од ВМРО ДПМНЕ.
„Не ја исклучувам можноста од ВМРО ДПМНЕ покрај провокациите и црната кампања, да има и насилство, не ја исклучувам и можноста за злоупотреба на МВР и нивниот министер за внатрешни работи во текот на кампањата да прават спинови, бидејќи само тоа знаат да го прават“, додава тој.
Цветанов заклучи дека доаѓа време за правда, но не онаа правда од „тефтерчето на Горде и сваровски судството“.
Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Владимир Перчуклиевски