Во доцните часови ноќта на 25 ноември 1999 година, основачите на ЦИВИЛ ги изработуваа основните документи на организацијата. Потоа следеше и тромесечна правна битка да го регистрираме ЦИВИЛ. Не му се допаѓавме на судот ни тогаш…
Ја имав честа меѓу основачите да бидам и јас. Решивме да ги браниме човековите права. Ѝ служиме на целта веќе 19 години.
Првото „службено“ возило на ЦИВИЛ беше приватното „фиќо“ на другарот Ацо, првите пари за нашите активности беа од приватниот џеб на другарот Циско…
Во деновите на основањето, не претпоставувавме дека ќе прераснеме во една од најголемите и најпознатите граѓански организации во Македонија. Немаме фотографија од основањето, но затоа имаме десетици илјади фотографии од нашите активности во годините што следеа. Навистина, еден дел од документацијата ни исчезна по упадот во седиштето на организацијата во деновите по нападот врз Собранието на 27 април 2017. Но остануваат спомените и сведоштвата за нашата работа, за нашата посветеност и бескомпромисна борба за слобода, правда и еднаквост. Тоа не може никој да ни го одземе.
Илјадници луѓе беа и сѐ уште се вклучени во нашите активности низ целата земја. Тимот на ЦИВИЛ и јас, во оваа прилика сакаме да им се заблагодариме на сите што беа и останаа со нас и во најтешките мигови го споделија товарот што го понесовме и го носиме како организација. Создадовме простор за слободно изразување и дијалог. Уживаме широка поддршка од илјадници свесни и совесни граѓанки и граѓани.
Сите различности ги сплотивме во еден голем, силен и разнобоен ЦИВИЛ. Заедно се бориме за подобро, поправедно и посреќно општество. Не се занимаваме со проценти и ексел табели, туку со фактите од животот на сите наши сограѓанки и сограѓани, живот, онаков каков што е, без шминки, без фолирање.
Додека некои калкулираа меѓу парите и комфорот, ние ги разобличувавме изборните кражби, структурното насилство и кршењето на човековите права и слободи. Додека некои мижеа, трепкаа, кокетираа и молчеа, ние гледавме со широко отворени очи и говоревме гласно.
Бевме и ќе останеме во првите редови во борбата за слободно, демократско и праведно општество. Бевме и ќе останеме остри критичари на лошите политики и практики. Ние никогаш не отстапуваме. Ние никогаш не се предаваме!
Бевме и ќе останеме ЦИВИЛ засекогаш.
Џабир Дерала
Претседател на ЦИВИЛ
This post is also available in: Albanian