ЦИВИЛ отсекогаш бил и останува на ставот дека државата ИМА ОБВРСКА максимално да го почитува правото на глас во секоја ситуација, без оглед на тоа дали гласачите биле неажурни во комуникација со матичните служби или се работи за грешка на системот.
Врз основа на долгорочниот изборен мониторинг на ЦИВИЛ се констатира дека изборната кампања за претседателските избори е одамна започната, иако законот предвидува почеток на кампањата на 1 април, три недели пред денот на гласањето.
Дел од предизборниот фолклор во текот на претходните изборни процеси беа структурното насилство, говорот на омразата, лажните вести, корупцијата, незаконското политичко финансирање, злоупотребата на службената положба, купувањето гласови, притисоците, заканите и уцените. ЦИВИЛ нотира дека голем дел од поранешните слабости, нерегуларности и измамнички практики во изборните процеси се делумно надминати со новините во Изборниот законик, зајакнувањето на дел од релевантните институции и други реформски чекори.
ЦИВИЛ будно ги следи состојбите на теренот и веќе констатира низа недоследности, нерегуларности и негативни појави во овој изборен процес.
Како и секогаш, ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, својот мониторинг во голема мерка го заснова на пријавите од граѓанките и граѓаните, граѓанските новинари и стотиците поддржувачи и членови на организацијата низ целата земја. ЦИВИЛ потсетува дека секоја информација во овој период е важна. Не постојат информации што се неважни. Затоа, независно во кој формат да пристигнат: фотографија, видео, постови на социјални мрежи и друг вид комуникации, лично сведоштво или случка, се добредојдени.
Сите што сакаат да помогнат во изборниот мониторинг можат да се вклучат како долгорочни и краткорочни набљудувачи на ЦИВИЛ. Уште поважно: независно од тоа дали се поврзани со ЦИВИЛ како соработници, членови и поддржувачи, учесници на семинарите за граѓанско новинарство или пак веќе учествувале во изборните процеси како наши набљудувачи, сите свесни и совесни граѓанки и граѓани, здруженија, организации, па дури и институции, можат да придонесат кон одбрана на правото на глас и да ја алармираат јавноста и релевантните институции за нерегуларностите и на тој начин да помогнат изборниот процес да биде слободен, фер и демократски. Целото општество е повикано во борбата за искоренување на изборните нерегуларности, почнувајќи од говорот на омраза и лажните вести до злоупотребата на администрацијата и јавните ресурси, пред последиците од нив да бидат несогледливи.
„Каде да се пријават изборните нерегуларности, ако не во ЦИВИЛ?“ – гласеше неодамнешната кратка изјава на Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, организацијата што ужива огромна доверба граѓанките и граѓаните, независно од нивната политичка афилијација, припадност или потекло.
Пријавите може да се испраќаат во порака по електронска пошта ([email protected]), Фејсбук, по телефон (02 / 5209 176), на онлајн пријавата за изборни нерегуларности или лично во седиштето на организацијата во Скопје.
ЦИВИЛ Тим за комуникации