ЦИВИЛ го финализира изборот на апликации за набљудувачи на изборите

Комисијата за кадровски прашања на ЦИВИЛ денеска започна со финализирање на одлуките по апликациите за набљудувачи на претседателските избори. Интересот да се стане набљудувач на ЦИВИЛ е изненадувачки голем и повеќекратно го надмина бројот од 160 набљудувачи колку што организацијата може да акредитира во овој изборен процес.

Првичните резултати ќе бидат познати веќе во текот на денешниот ден, а одлуките за статусот на апликациите ќе бидат доставени до кандидат(к)ите најдоцна до среда, 27 март.

ЦИВИЛ спроведува континуиран мониторинг на состојбите на човековите права преку својата мрежа од активисти, проектни тимови и граѓански новинар(к)и, а особено засилен мониторинг во изборен контекст започна веднаш по распишувањето на изборите на 8 февруари. Досега, ЦИВИЛ објави голем број содржини поврзани со мониторингот на својата медиумска платформа, а со цел тие содржини да бидат што е можно подостапни, се отвори и посебна рубрика ИЗБОРИ 2019.

Освен редовното објавување информации и извештаи од теренот, ЦИВИЛ започна и со серија содржини со едукативен карактер, од кои деновиве ќе состави и онлајн публикација со цел да им помогне, како на своите набљудувачи, така и на сите гласачи, во донесувањето на информиран избор на денот на гласањето.

ЦИВИЛ Тим за комуникации