Транспарентноста и одговорните политики, особено на локално ниво, се секогаш важни за граѓанките и граѓаните затоа што директно влијаат на нивниот животен и економски стандард. Но, како и секогаш доброто владеење и транспарентна и одговорна локална власт не секогаш е она за што гласале или на што се надевале.
Зборувајќи на овие теми во Велес, ЦИВИЛ Медиа разговараше со градоначалникот Аце Коцевски кој најодговорно потврди дека општината е една од најтранспарентните со оглед во каква состојба ја затекнал од претходната власт. Сепак, опозициската ВМРО-ДПМНЕ на општинско ниво има низа забелешки.
„Кога би зборувале за транспарентност на Општината, за почеток седниците на Советот во текот на оваа локална власт, во период од две години воопшто не беа пренесувани никаде. Со опремата што се доби со проект со кој аплицираше уште претходната локална власт. Сега одат седниците на сајтот и Youtube каналот на општината, меѓутоа повозрасното население како би ги гледало седниците? Тие се пренесуваа на локален медиум и тогаш се следеа и им беа достапни повеќе податоци отколку што тоа сега се случува. По бројот на прегледите може да се види дека не е некоја голема бројка која ги следи на интернет“, изјави Нада Трајкова, координаторка на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Велес.
Таа најде замерка дека кварталните извештаи, ребалансите, извештаите на сите јавни претпријатија што се под ингеренции на Општината и слични документи не се ставаат на веб страницата на Општината.
„Планот за јавни набавки, ако веќе оди на Бирото за јавни набавки, мислам дека воопшто не е тешко да се преземе и да стави на сајтот на Општината и нема никаква штета, бидејќи не секој знае да отвори на Бирото и да има увид какви набавки спровела Општината, што се предвидува со планот, колкава е вредноста на набавките и дали се реализираат. Урбните и месните заедници се основна клетка на граѓаните каде што можат да ги кажат своите приоритети, а тие веќе две години немаат претседатели. И ако тие не функционираат, тогаш какви приоритети ние решаваме? Јавните расправи на Општината само за програмите се одржуваат меѓутоа се многу слабо посетени што значи дека информираноста и транспарентност и во тој дел е слаба“, истакна Трајкова.
Што се однесува до јавните расправи, градоначалникот Коцевски се пофали дека соработката со граѓанскиот сектор е на високо ниво кога станува збор токму за овој сегмент од работата за разни теми и прашања.
Трајкова смета дека Советот на Општината би требало да има големо влијание, но советничките групи имаат разлика во бројот на советници и број на гласови, па не секогаш се донесуваат одлуки со кои се согласува опозицијата.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
Фотографија: Маја Ивнаовска
This post is also available in: English