Стефани Спировска од Младински образовен форум на панел дискусијата „Млади, перспективи…“ во организација на ЦИВИЛ, нагласи дека едно е да се зборува за младите во Европа, а друго е да се зборува за младите тука кај нас.
„Во европските земји за млади се сметаат лицата до 29 години, кои по завршување на образованието се осамостојуваат, пронаоѓаат работа и стануваат самостојни, додека кај нас младите покасно се осамостојуваат, односно и по 30 година тие сè уште живеат со своите родители, немаат сопствен дом и немаат сигурна работа.
Кризата со пандемијата ги извади на површина сите недостатоци со кои се соочуваа(т) младите, на пример видовме колку е кревко нашето образование, со години наназад имаме младинската невработеност, според податокот на Министерството за култура, околу 14 ијлади млади луѓе ја изгубија работата како последица на кризата. Исто така голем број на младите не се вработуваат по струка, туку се вработуваат таму каде што ќе најдат работа, и заминувањето во странство е една од тие причини“, вели Спировска.
Таа вели дека кога се носат некои одлуки за млади треба да се има предвид и на младите со попреченост, со оштетен вид и слух, на младите од руралните средини затоа што кризата најмногу ги погоди нив.
„Имавме задоцнета дигитализација во високото образование, додека во средното образование недостасуваше некој да ги сослуша младите со кои предивици се соочуваат, односно дали имаат пристап до системот, дали имаат психолози и дали знаат каде да се обратат“, нагласи Спировска.
Спировска истакна дека на почетокот од годинава Собрание го изгласа Законот за младинско учество и младински политики кој требаше да донесе поголема вклученост на младите во носењето одлуки преку Национално собрание на млади, локални младински совети и собранија и повеќе сервиси за младите. Целта на законот за младинско учество и младински политики, е да обезбеди креирање и спроведување на политика на млади на сите нивоа, преку повеќе секторски пристап. Законот цели кон зајакнување на учеството на младите во процесите на креирање на политики, поттикнување на волонтерство, младинскиот активизам и младинската работа, како и личен, професионален и социјален развој кај младите.
Покрај дефинирањето на младински организации и организациите за млади, а предвидува формирање Национално собрание на млади, Национално советодавно тело за младински политики како и Регистар на форми на младинско организирање. Владата и општините се обврзани да донесат стратегии за млади со посебни акциски планови, а општините се задолжуваат и да формираат канцеларии за млади и младински центри и да одредат службеник за млади кои ќе бидат посебни сервиси за младите кои произлегуваат од законот.
„Националните политики треба да се ускладат со локалните политики за млади, бидејќи не секогаш потребите на младите од еден град се исти со потребите на младите од друг град“, вели Спировска.
Таа вели дека треба да има соработка помеѓу локалната власт и младите за да може да функционираат овие тела и се надева дека што побрзо ќе се формираат и ќе бидат функционални.
„Зошто е добро и треба да се формираат вакви тела, е затоа што младите немаат доверба во институциите, бидејќи младите не веруваат дека кога се носат политики се запазени и нивните интереси. Кога ќе имаме механизам преку кој младите ќе може да си ги остварат своите права, тогаш ќе имаме млади кои ќе веруваат во системот“, истакна Спировска.
Д. Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Трпе Стојкоски
фотографија: Горан Наумовски