Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, преку видео обраќање ги извести граѓаните дека МВР е спремно за денот на избори да превенираат за сите можни нарушувања на изборниот процес.
„Министерството за внатрешни работи, согласно своите надлежности го следи целиот изборен процес, а сè со една единствена цел – денот на гласање да мине мирно, непречено и достоинствено како што прилега на едно демократско и слободно општество. Во изминатиот период полициските службеници минаа низа плански активности за квалитетно и ефикасно набљудување и обезбедување на севкупниот изборен процес од неговиот почеток до неговиот крај.
Министерството за внатрешни работи е целосно подготвено да обезбеди достојна и безбедна атмосфера, во која што секој наш граѓанин ќе може да си го оствари своето свето избирачко право. Подготвени сме одлучно и бескомпромисно да го превенираме секој обид за нарушување на избирачкиот процес независно каде или од кого. Бидете сигурни дека законите и граѓанската волја ќе бидат целосно испочитувани“, изјави Спасовски.
Во неодамнешното интервју за ЦИВИЛ Медиа, Спасовски апелираше за соработка со МВР за време на изборите. Тој беше убеден дека политичката свест кај граѓаните на Република Северна Македонија е на едно високо ниво и од тој аспект, тие се свесни сметам колкава е одговорноста да се има фер и демократски избори.
Б. Ј.