Во рамките на Форумот за граѓанско учество во креирање на владините политики, ЦИВИЛ Медиа раљзговараше со активистката Мерсиха Смаиловиќ на тема национализам. Смаиловиќ се осврна на неколку аспекти на доживувањето на национализмот, и укажа на неколку штетни практики во политиката, но и во општеството што се однесува до поттикнување на национализмот.
ЦИВИЛ Медиа: Како го доживувате национализмот како граѓанка, жена, личност, во вашето опкружување и работа?
Смаиловиќ: Во Македонија оваа тема повторно станува актуелно по бурната изборна кампања, и така ќе биде се додека не сфатиме дека човекот е човек, дека човекот е добар или лош, дека човекот може да биде корумпиран или некорумпиран, а не да се делиме и двоиме по нации, бидејќи не може да велиме „јас сум против национализмот, ама против нивниот, бидејќи нивниот е лош национализам а мојот е добар“.
Поаѓајќи од таа реченица сметам дека национализмот како појава во едно општество, треба да се минимизира, бидејќи национализмот дефинитивно носи кон себе некаква супериорност во однос на другите, дека јас сум подобар, мојата нација е подобра, или мојата нација во овој момент е во некаква опасност, јас сум тука да ја штитам, да се борам за правата на мојата нација, загрозени сме, негирани, и слично. Од другата страна го имаме патриотизмот, којшто и кај мене буди некои посебни чувства и себеси се сметам за патриотка бидејќи си ја сакам мојата нација, мојот национален идентитет, но не сметам дека сум супериорна во однос на другите или поразлична од другите бидејќи како што кажавме битно е дали е човекот човек и дали е добар или лош. Призмата во која живееме дозволува национализмот да манипулира, како што имавме прилика да видиме во текот на изборните кампањи, да се јачат чувствата за да гласаме за некоја политичка партија бидејќи ги јакне нашите национални чувства, не гледајќи како таа политичка партија ќе се бори или се бори против корупцијата, против судството против ваквото образование…
Колку малку акцент беше ставено во текот на кампањата на образованието, а видовме дека немаме никакво образование во време на пандемија, а луѓето гласаа, или имаа симпатии, или поддржуваа некоја политичка партија само затоа што велеше дека ќе помогне на таа национална група, својата нација, дека тие се загрозени, дека доаѓаат сили однадвор, ќе им го јакнее идентитетот, или дека конечно е време неправдите кон тој народ да се решат. Едноставно се фрлаше магла кон реалните проблемите што ги имаат луѓето и суштината што е битно кој сме што сме, и како сите заедно да функционираме, како да се бориме за здравство, како да ги подобриме здравствените услуги, која политичка партија ќе ни даде поголеми здравствени можности…И честопати кога сакате на некој да му кажете дека не е битно од која националност е, како што велите докторот кога ќе стави маска дека вие не го гледате од која националност туку неговите вештини. Зошто да не го градиме тоа општеството? Кој каков како човек е, какви способности има, какви можности, што ќе допринесе тој во општеството, значи да градиме општество на квалитетни луѓе. Бидејќи се помалку имаме истомисленици, луѓе што се борат од ова општество да направат подобро, да сакаме заедно да живееме и заедно да функционираме.
За жал, се уште гледам дека кај луѓето, во мирнодопско време, како сега, национализмот се користи да се тргнеме од реалните проблеми, и да се бавиме со националните. И се уште се манипулира и ние дозволуваме да бидеме манипулирани, голем број на граѓани на овие избори покажаа дека националистичките платформи се тие коишто се добитни. Ако дадеме права само на таа етничка заедница, да, ќе гласа. Се повеќе се бега од концептот дека ова е граѓанска држава, држава која што им дава права на сите. Она што охрабрува, луѓето негативно го доживеаја тоа што многу луѓе не излегоа да гласаат, јас тоа го сфатив дури како позитивно, бидејќи не им се допаѓа таа националистичка реторика, дека мораат да гласам за одредена партија, а не им се допадна ниту другата страна којашто го има тој принцип на општество за сите, но дефинитивно се разочарани бидејќи не го доживеаја, не го видоа тоа едно општество за сите, и едноставно апстинираа од гласање. Ако можеби порано сум кажувала дека треба да се искористи правото на глас, сега едноставно го сфаќате како протест, дека нешто треба да се смени во нашето општество, и дефинитивно, јас и пријателите околу мене се наоѓаме во состојба да постојано се гушиме, да им објасниме на луѓето дека треба да го оставиме национализмот.
Никој не не негира. Јас сум тоа што сум, никој не ме минимизира, никој не ми забранува да бидам тоа што сум. Ако се држиме до уставот на нашата држава, ако прочитаме дека оваа држава е на сите и тоа е добра појдовна точка и ајде да градиме таква држава. За жал, гледаме дека тоа кај нас не успева, посебно кога национализмот е запакуван во едни нови интелектуалци, со слаткоречивост го пакуваат национализмот, користат дури и сленг, речник којшто е близок до младите, употребуваат и некои жаргони, за да го спакуваат убаво за да допре до младата генерација којашто, нели е лута на системот којшто од независноста на Македонија веќе 30 години не успеа да направи еден стабилен систем, да се упакуваат нови политички партии, нови движења коишто немаат националистичка призма во својата програма…
Во дваесет и првиот век јас очекувам да се живее во општество во коешто нема да се спомнуваат нации и националности во супериорен однос, или државата им припаѓа само на едните, а ние повторно видовме плакати “Македонија на Македонците, на Албанците да им ја вратиме правдата за неправдата што им е направена, на Турците неправдата, па Бошњаците се секогаш обесправени, и се уште имаме националистички партии!
Некако повеќе ја сакаме улогата на жртва, бидејќи да си жртва е најлесно, само седиш и чекаш некој да те спаси, и нешто да се смени, а ако сметаш дека нешто треба да се бориме. Па ќе имаме албански партии, турски, ромски, српски, влашки партии и така ќе се групираме во политички партии бидејќи партијата која ги застапува, ги застапува само интересите на Бошњаците, и ќе се преброиме, нели ногу ни е битно да се преброиме, колку сме гласале за нив, колку Македонци гласале, а денеска имаме партии што велат „Ние сме чиста партија, за нас гласале само нашите…“, тие не се легитимни бидејќи гласале Македонци или Албанци, или Турци, и вие се чудите каде живеете. Истите тие луѓе, кои се разочарани од системот, ќе заминат во некоја држава каде име то неа вакви работи и веднаш нивните деца се асимилираат, што мене навистина не ми се допаѓа, сакам да го задржиме тој наш културолошки идентитет, да не се криеме од тоа што сме. Едноставно да прифатат – дека ние сме економски мигранти бидејќи не сме се бореле нешто да се смени во нашата земја. Јас велам дека сме стигнале до стадиум во кој е навистина тешко да се бориме.
Ако ги видиме резултатите од последните избори, за мене избори се погубни. Јас сум длабоко разочарана од тоа колку луѓе поддржуваат националистичка платформа. Каде е тоа ајде сите заедно, си бараме коалиции со организации, со луѓе , поединци, ајде да ја направиме оваа држава, овој систем функционален. Но ги поддржувам афирмативните мерки дека мора да постојат проценти при вработување, рамноправна застапеност, бидејќи се уште не сме стигнале до тој систем. Ако вработите под тој клуч, 20%, тоа не значи дека тие не чинат, ако мора да се вработи Бошњак, по дифолт не чини. Не, има и школувани Бошњаци, и Албанци и Турци, и Роми, што значи дека квалитет има, и да се задржи тоа рамноправна застапеност. Свесна сум за нерамноправната застапеност на заедниците, но можам да се борам за тоа без да бидам националист.
Мислам дека Македонија е земја во која што сите сме подеднакво нејзини граѓани, или еве сега славевме 19 години од Рамковниот договор, и целата дебата беше свртена кон тоа колку добиле Македонците, колку Албанците, но Рамковниот договор, измените кои што произлегоа од тој договор е градење на граѓанска држава. Влезе Бошњачката заедница, влегоа Турците, влегоа Србите, Власите, станавме еднаква држава за сите. Деветнаесет години не успеавме да излеземе од тоа дека оваа држава е само на два народи, а ние другите ако успееме да испливаме …Не, оваа држава е на сите нас. Кога така ќе ја прифатиме, тогаш пожарот што настанува од национализмот, ќе го изгасиме.
Дијана Тахири
камера: Атанас Петровски
монтажа и фотографии: Билјана Јордановска