Ниту овој изборен процес, за жал, не изостанува злоупотребата на децата во изборни и политички цели.
Фејсбук страницата Македонија, која има над 30.000 следбеници, покрај повици за бојкот на претстојните претседателски избори, содржини полни со говор на омраза и против Преспанскиот договор, објавува и фотографии од штотуку проодени деца во политички контекст.
Станува збор за фотографија, објавена на 1 април, која најверојатно би требало да претставува маска за денот на шегата, но објавена во овој контекст претставува злоупотреба на децата за политички цели. Дури и да постои согласност од родителот за објавување на фотографијата, ваквата постапка е крајно неприфатлива.
Доказ повеќе се и коментарите под објавената фотографија кои варираат од коментари со навивачки и поддржувачки тон, до коментари за злоупотребата на децата.
Законот за заштита на децата во член 12, став 4, забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.
ЦИВИЛ – Центар за слобода, потсетува дека местото на децата е надвор од политиката. Тие имаат право на безгрижно детство, ослободено од дневно-политичките случувања. „Бараме од надлежните институции сериозно да се зафатат со детектирање и соодветно санкционирање на сите што ги злоупотребуваат децата и малолетниците во политички и изборни цели“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.
Маја Ивановска