По три успешни изборни процеси (од првата техничка (Пржинска) влада која се формираше во 2015 година со цел да се спроведат слободни, фер и демократски избори), сега повторно имаме нова техничка влада, а опозицијата како едвај да дочекаа да се доберат до некоја позиција во владата и во институциите. Не за да го контролира процесот, не за да обезбеди барем минимални ако веќе не може максимални услови за слободни, фер и демократски избори, туку за да спроведува партиска пропаганда од позиција на власт со злоупотреба на државните, јавните ресурси. „Техничка влада за блокада“ е тема на денешната епизода на политичкиот магазин СКЕН.
Според потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ не покажаа ништо, освен дека се кадри на Никола Груевски кои работат против интересите на државата.
„Цел месец кадрите на ВМРО-ДПМНЕ се во Владата и не понудија ништо конкретно, ниту една мерка, ниту една препорака за тоа како евентуално институциите да функционираат подобро. И тоа е добро, тоа значи дека институциите функционираат согласно законите. Единствено што гледаме се блокади и обиди да се обнови режимот. Најверојатно, тоа се и насоките што ги добиваат од Будимпешта“, истакна Манчевски.
Сите членови на Државната изборна комисија, на чело на претседателот Оливер Дерковски, кој на претходните избори е предложен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, едногласно го отфрлија барањето на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, во кое тој бараше членовите на највисокото изборно тело во државата да одлучат за назначување на Ристо Ставревски за шеф на СВР – Скопје, според членот 46 од Законот за Влада.
Професорката Мирјана Најчевска, вели дека пред избори нема потреба од техничка влада, бидејќи се добива впечаток дека институциите не работат како што треба и се користи ситуацијата за предизборна кампања.
„Лично мислам дека е многу погрешно формирањето на техничка влада. Прво, погрешно е што воопшто во некој закон, макар и во Законот за влада, што влезе создавањето на посебна техничка влада пред избори. Заради тоа што тоа лошо зборува за државата. Тоа лошо зборува за институциите на државата. Тоа значи дека државата нема демократски капацитет со институциите коишто веќе постојат, со заштитните механизми коишто би требало да бидат изградени и за коишто тврдиме дека се на такво ниво за да можеме да бараме отворање на процесот за влез во Европската Унија“, вели професорката Мирјана Најчевска.
Аналитичарот Џевдет Хајредини истакна дека техничките министри на опозицијата наместо да се посветат на спроведување на фер и демократски избори, тие се фокусирани уште од првиот ден на исполнување партиски задачи.
„Овие сегашниве од ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат како досега во континуитет тие да имале инсталирани информатори во министерствата, што снимале и бележеле и од првиот ден на техничка влада им презентирале на новите министри од опозицијата. Тоа се луѓе што останаа од порано пред промената на власта. Оваа можност не ја исклучувам, затоа што се знаат забелешките кон оваа влада на Заев, дека не изврши никакво чистење на државната администрација од потенцијалните противници. Ова се прави премногу наивно. Не работат тоа што им е работа, туку спроведуваат конкретни задачи – јавноста да ја бомбардираат со наводни спектакуларни негативни однесувања на претходната влада. Мислам дека нивната улога е веќе компромитирана. Од нив државата не треба да очекува никаква помош и придонес, тие немаат намера да придонесат за објективни и демократски избори“, вели Хајредини.
Според теренската анкета што ја спроведе екипата на ЦИВИЛ Медиа, и граѓаните сметаат дека техничките министри повеќе се фокусирани на партиските насоки и задачи.
Министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, уште од првиот ден започна со партиските задачи и опструкции. Додека пак заменик министерката за труд и социјална политика, Санела Шкриељ, постојано ја демантира и ја повикува да ги проучува законите. Министерката Мизрахи за шеф на својот кабинет ја назначи Марија Апостолова, поранешната советничка на Никола Груевски. Мизрахи му издаде решение за работа и на возачот на поранешниот министер Диме Спасов, кој стана познат дека сам се пријавил дека учествувал во бркотницата и сообраќајката со лица од Серава.
Министерката за правда, Рената Дескоска за ЦИВИЛ Медиа вели дека во политичкиот систем како функционираат институциите многу зависи од тоа кој седи во тие институции.
„Може да имате кохабитација, претседателот на државата да е од една партија, а претседателот на парламент да е од друга и тоа да функционира, ако има политичка култура и желба да се почитуваат законите. Но, исто така може да имате ситуација во којашто ќе ви се блокира системот.
Ние сега сме сведоци на едно недолично однесување на одредени колеги кои седат во владата, кои се претставници на опозицијата и не сакаат да ги почитуваат основните законски правила кои регулираат како треба да се одвива една техничка влада.
На пример, ако се знае дека за одредени прашања потребен е потпис од заменик министерот, каде што е недозволиво без да се води таа постапка, без да се добие тој потпис, таа согласност, да се носат решенија. Ние сме сведоци во две наврати едно по друго се поништуваат решенија на министерката за труд и социјална политика. Недозволиво е таа самата да постапува со незаконско дејствие и тоа да и се укаже. На што личи тоа, прво кој сигнал се пушта до Центрите за социјални работи, кога министерката денеска става незаконски едно лице, владата утре го поништува тоа решение, и со сето ова се праќа лоша порака.
За жал ВМРО-ДПМНЕ уште не е созреано сваќањето за демократски обврски, немаат демократски капацитети за да пристапат. Техничката влада е демократски инструмент што треба да овозможи поделба на ингеренции со цел заеднички да се гарантира регуларност на изборниот процес. За жал, наместо тоа, по однесувањето на нивните министри ние гледаме обид на некој начин да се злоупотребат позициите коишто ги добиле за работи кои се надвор од мандатот на техничката влада“, вели Дескоска.
Техничката влада од системско решение за обезбедување слободни избори се претвори во ризик на слободата, ризик по одржувањето на слободни, фер и демократски избори.
Џабир Дерала
обработка на текст: Дехран Муратов
монтажа: Владимир Перчуклиевски
камера: Атанас Петровски
This post is also available in: English