Што е изборен молк?

Изборниот молк стапува на сила ден пред гласање (сабота), односно на полноќ меѓу петок и сабота, кога завршува изборната кампања. Молкот трае до 19 часот, на денот кога се гласа (недела). Тоа подразбира дека ширење на пропаганда, партиско агитирање, поткуп на гласачи, водење кампања и други прекршувања на Изборниот законик се строго забранети. Референдумскиот молк трае 24 часа подолго.

Во текот на денот на изборниот молк (сабота), гласаат лицата во казнено-поправните установи и притворите, внатрешно раселените лица и болните и немоќните.

За време на изборниот молк се известува за изборите и текот на гласањето, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување.

Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитување на какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите; какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите; податоци со кои што го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Д. Муратов


Со цел да придонесе кон јакнење на јавната свест за правото на глас, како и за нерегуларностите во изборните процеси, ЦИВИЛ започна со серија едукативни текстови за различни аспекти на изборните процеси. 

Граѓанките и граѓаните што имаат информации за кршење на правото на глас, злоупотреби, притисоци и други нерегуларности во текот на изборниот процес, можат да пријават на онлајн формуларот Слободни избори или да контактираат со ЦИВИЛ на [email protected], во инбокс на ФБ страницата на ЦИВИЛ или да се јават на 02/5209176.