Како клетва да се надви над кандидатите кои ја почнаа претседателската кампања на незгоден ден, денот на шегата први април. Каков ден, таков почеток. Како шега. Само лоша. Никому смешна.
Јадните не можат да се снајдат во ситуацијата која ги снашла. Шега ли е или не тоа што ги снајде?
На кандидатите изгледа не им е јасно која е основната цел на кампањите. А на нивните изборни штабови уште помалку.
Значи (зборот почитувани не го заслуживте до сега) кандидати, со кампањата треба да ги убедите неубедените до сега да гласаат за вас, а не убедените да ги разубедите.
Професорката многу лошо почна со јогата. Не требаше да ја лути црквата со такви секташки активности и да ја предизвикува да ѝ фрли анатема. Се збуни јадната скроз.
Прво, како правник и универзитетски професор, недозволиво збунето, води кампања за парламентарни наместо за претседателски избори. Па ветува менување на влада, менување на закони, менување на меѓународни договори... Или нешто со нејзините познавања на надлежностите на претседателот не е како што треба, или многу лошо е советувана од советниците во нејзиниот штаб. Можеби тие мислат дека гласачкото тело кон кое целат нема да забележи, но некои други работи секако нема да им поминат незабележано.
Секако ќе ги збуни како тоа одеднаш главниот предизборен адут „Името не го давам“ се смени во „Службено ќе го признаам, ама како човек не“. Човекот го снемува кога политиката е во прашање?
И други проблеми кои со имињата ги има професорката нема да поминат така лесно. Нејзината неинформираност за имињата на градовите кои ги посетува зборува за нејзиниот игнорантски однос кон нивните жители. И нејзините извинувања со наивно трепкање , во стилот на засрамена тинејџерка, не знам дали ќе ѝ ги прифатат. Сепак од жена со универзитетска кариера и на таа возраст се очекува поозбилно однесување. Нели мајка на нацијата бираме, а не пубертетлика на годината.
Професорот пак, би можел да ги замоли функционерите околу себе да не му помагаат, во стилот на стариот виц „Аман бато, не ме брани веќе“. Наместо да шетаат со него и да го промовираат како сидро, едро и други земско-поморско-воздушни предмети, најдобра услуга ќе му направат ако се повлечат и си ја бркаат својата секојдневна работа. Нивното несработување на таа работа во овие две и пол години е најголемиот хендикеп на претседателската кандидатура на професорот.Затоа, нека го остават самиот себе си да се промовира како човек. Одлично му успеваше тоа пред пет години. Си шеташе човекот меѓу луѓето со искрена широка насмевка и им влеваше верба на луѓето, за разлика од сега кога за него се залагаат луѓе во кои граѓаните ја изгубија вербата.
Би можел и на шефовите и помошниците во штабот да им каже повнимателно да ги бираат поддржувачите кои го величаат по митинзите и средбите со граѓаните. За озбилната функција за која конкурира не му одговара имиџот на Џорџ Клуни по кого се трескаат од земја, лигават и треперат во гласот тетки и девојчурци. Не му требаат патетичните и не така млади девојчиња кои сакаат татко да им биде. А тој збунет, укрутен, уште да писне „Не сакам таткооо, претседател сакам да бидам!“.
За амбасадорот немам коментар, бидејќи тој не се ни труди да му се претстави на македонското гласачко тело. Како однапред да е решен дека својот завршен збор ќе го каже во вториот круг.
Аман, за десет милиони евра, навистина би можело чуда да се направат, а не да нѝ настапуваат со ниско буџетна сапуница. И што е со приказната за мајка/татко. Претседател на држава ни треба, а комплексот на сираци кои веќе со децении бираат мајка или татко на нацијата е крајно време да го оставиме зад нас.
Сите прогласуваат победник меѓу претседателските кандидати. Јас го знам губитникот од првата недела на кампањата –гласачите и негласачите кои се молат што побргу да помине предизборнава агонија.
Како тргнале работите, изгледа како на Џафери да можеме уште веднаш да му честитаме. Ај тогаш ем да си ги скратиме маките, ем да уштедиме нешто од тие десетте милиончиња (кои веројатно до сега се веќе потрошени, ама можеби има останато некоја цркавица).