Ангела Петровска
По завршувањето на првиот круг од гласањето за претседателските избори, сите кандидати и партии, прогласија победи и изјавија дека се задоволни од резултатите, но и дека се надеваат на уште поуспешен втор круг од гласањето на 5 мај.
Во вториот круг остануваат кандидатите на СДСМ и коалиционите партнери, Стево Пендаровски и на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, чии гласови во бројките не се разликуваат многу. Двајцата кандидати, односно и партиите кои стојат позади нив, сега ќе се обидуваат да ги добијат, како што тие изјавија, гласовите од третиот кандидат Блерим Река, незадоволните, Шарената револуција…
Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, во синоќешната дебата на Телевизија 24, им порача на двете партии да не се надеваат многу на гласовите на Река.
Кандидатката Гордана Силјановска Давкова, во вчерашната изјава за Сител телевизија, како што охридски се изрази, за неа изборите биле како „Исправи се Делфина“ и дека нема зошто да не биде задоволна. Таа не испушти да го пофали кандидатот Блерим Река, кој го нарече граѓански ориентиран, едуциран… и дека албанските гласачи не се согласуваат веќе нивните гласови да служат за етнопартиска трговија, туку дека се спротиставиле на тоа. Силјановска не испушти да ја обвини владејачката партија дека е виновна за тоа зошто не излегле граѓаните на гласање.
Силјановска не размисли дека има многу граѓани кои се разочарани и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Исто додаде дека ќе се обиде да ги убеди оние од „Бојкотирам“ да гласаат за неа, сепак…
СДСМ, односно Стево Пендаровски, Радмила Шекеринска и Зоран Заев синоќа одржаа трибина во Карпош. Се чини дека не сакаат да го губат времето и одма стартуваат уште „позасилено“.
На самата трибина, случајно… се појави актерот Драган Спасов Дац, кој му поради метла на премиерот за онаа „чистка“ која треба да се направи.
„Затоа што јас сум првиот кој си поднесе оставка од морални причини, имам и морална одговорност да ја предадам оваа метла за чистката што треба да се направи. Ова ништо не е договорено, од Рептил е, има и лопатче каде може да се собере доста ѓубре. Јас отсекогаш сум го сакал СДСМ и сум гласал за оваа партија, сум се гордеел со оваа партија. Сигурен сум дека мојот иден претседател е Стево Пендаровски“, рече Дац.
Премиерот додаде дека не се заканува на никого, дека пораката е примена и дека ќе има чистка на некои од нивните фукнционери на локално или централно ниво.
Сè изгледаше како на едно лошо смислено сценарио, но сепак кај публиката предизвика смеа… Да се запрашаш дали навистина им е тоа смешно, што некои функционери не работеле ништо, или пак и тие се дел од политичкото сценарио…
Останува да видиме како против-кандидатите ќе се обидат да добијат повеќе гласови, од оние разочарани, од оние на Река или бојкотирачите. Да видиме дали сега ќе се градат наеднаш нови патишта, бидејќи имаше и случај во Рамни Габер, каде жителите одлучија да не гласаат и да го заклучат гласачкото место, поради тоа што се разочарани и заборавени од политичарите, дали ќе се чисти повеќе ѓубрето низ градовите или пак нема да има таков вид на „поткуп“…
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.